Nextcloud ја објави првата готова верзија на десктоп апликацијата на Euro-Office, европскиот канцелариски пакет што беше претставен во јуни. Апликацијата се вика Nextcloud Office Desktop, бесплатна е и со отворен код, а работи на Windows, macOS и Linux.
Досега Euro-Office беше достапен како дел од производите на партнерските компании, а корисниците на Nextcloud Office, според компанијата, работеа со него во прелистувач. Новата апликација се инсталира како класичен канцелариски пакет и според Nextcloud, работи без интернет, а датотеките остануваат на компјутерот.
Пакетот има уредувачи за текстуални документи, табели, презентации и PDF датотеки и ги поддржува форматите на Microsoft Office (DOCX, XLSX, PPTX), како и отворените ODT, ODS и ODP. Дополнително, ги користи фонтовите инсталирани на компјутерот, а документите може да се потпишат дигитално, за што е потребен дигитален сертификат.
Поврзувањето со Nextcloud не е задолжително. Корисниците може да додадат еден или повеќе Nextcloud сервери, па онлајн датотеките да ги уредуваат сами или заедно со колегите во реално време.
Nextcloud ја најави десктоп апликацијата уште во септември, заедно со Nextcloud Hub 26 Summer. Според компанијата, голем дел од работата на неа дошол од заедницата.
Сепак, офлајн канцелариски пакет од оваа основа не е новост. Euro-Office е верзија на ONLYOFFICE, чиј програмер нуди и бесплатни ONLYOFFICE Desktop Editors за компјутер, а според OMG! Ubuntu новата апликација е изградена токму врз нив и засега изгледа како ONLYOFFICE со ново име.
Компанијата зад ONLYOFFICE, пак, уште при најавата на Euro-Office во март ги обвини Nextcloud и IONOS за прекршување на лиценцата, бидејќи, според неа, во изведените верзии мора да се задржат брендирањето и логото на ONLYOFFICE и да се наведе потеклото на кодот. Од Euro-Office тврдат дека тие дополнителни услови не важат.
Апликацијата може да се преземе од страницата на Nextcloud за Windows (x64 и ARM64), за Linux како .deb и .rpm пакет, а за Mac само за модели со Apple Silicon процесори.






































