Фото: Skydance

Skydance, досегашната Paramount Skydance, денеска објави дека го заврши преземањето на Warner Bros. Discovery. Тоа се случи неколку дена откако извршниот директор Дејвид Елисон соопшти дека новата компанија ќе се вика Skydance.

Акционерите на Warner Bros. Discovery добиваат по околу 31,02 долари во готово за секоја акција, а нивните акции од денеска не се тргуваат на берзата NASDAQ. Новата компанија се тргува на Њујоршката берза под ознаката „SKYD“. Договорот, вреден околу 110 милијарди долари заедно со долгот, дојде откако Netflix се откажа од купувањето на Warner Bros.

Под ист покрив сега се две големи филмски студија, HBO Max и Paramount+, телевизијата CBS, CNN и спортските канали CBS Sports и TNT Sports. Според компанијата, нивните стриминг услуги имаат збирно „над 200 милиони“ претплатници, а збирните приходи на двете компании се речиси 70 милијарди долари.

Skydance ветува најмалку 30 филмови годишно во кината, секој со најмалку 45 дена прикажување пред да стигне на други платформи, а според компанијата веќе има над 180 серии и емисии. Дополнително, компанијата очекува за три години да достигне заштеди од над 6 милијарди долари годишно. Вакви заштеди кај големите спојувања обично значат и отпуштања, но соопштението не го спомнува тоа.

Елисон останува претседател на одборот и извршен директор, а заеднички извршен директор е Инон Крајц. Според соопштението, спојувањето едногласно го одобриле регулаторите за конкуренција во речиси 70 земји и јурисдикции.

За корисниците најважна е реченицата дека стриминг услугите „со текот на времето ќе се обединат во една услуга“. Тоа Елисон го најави уште во март, но и денеска нема рок, име ниту цена на заедничката услуга.

Соопштението не ги спомнува Европа ниту SkyShowtime. Кај нас HBO Max е достапен од март 2022 година, а содржините на Paramount стигнуваат преку SkyShowtime, заедничка услуга на Comcast и Paramount, чија иднина сопствениците во септември ја ставија под знак прашалник.

Поради ова, засега не е познато што ќе значи спојувањето за корисниците во Македонија.