Microsoft ја објави опционалната ноемвриска надградба за Windows 11 (KB5132057), со која до корисниците на верзиите 25H2 и 26H2 постепено стигнуваат новото пребарување, новиот „Run“ прозорец и повеќе помали новости. Досега тие беа достапни само во тест верзиите на „Insider“ програмата, а минатиот месец на ист начин почнаа да стигнуваат и новите „контекстуални“ менија.
Новиот Windows Search, кој Microsoft почна да го тестира во октомври, ги прикажува резултатите во една листа, а според компанијата е побрз и троши помалку меморија. Подобро ги препознава правописните грешки и синонимите, може да прикаже преглед на датотеката, кога е изменета, каде е зачувана и кој ја создал, а дава и брзи одговори за времето, акциите и разни факти.
Дополнително, од пребарувањето директно може да се вклучи темниот режим или Bluetooth, да се смени осветленоста на екранот, да се исклучи звукот или да се наместат отворените прозорци. Со Android телефон поврзан преку Phone Link може да се прават повици и да се праќаат пораки до контактите, како и да се користат „Find my phone“ и „Do Not Disturb“.
Сепак, новото пребарување засега е достапно само на англиски, па кај нас веројатно ќе го видат само оние што го користат Windows на англиски јазик, што претпоставувам дека не се мал број корисници.
Новиот „Run“ прозорец, кој се отвора со Windows + R, има модерен изглед и темен режим, а според мерењата на Microsoft вообичаено се отвора за 94 милисекунди, наспроти 103 кај стариот. Тој не е вклучен во основните поставки, туку се вклучува во Settings > System > Advanced и е дел од модернизацијата на старите прозорци во Windows 11.
Препознавањето лице со Windows Hello сега може привремено да го осветли екранот при најава во темна просторија, ако тоа се вклучи во поставките за најавување, а пребарувањето од „This PC“ во File Explorer е значително побрзо. Кратенката за „Sticky Keys“ може да се исклучи директно од прозорецот што се појавува кога случајно ќе се активира, а „Live captions“ може да прави титлови само од звукот на компјутерот, само од микрофонот или од двете.
Сите овие новости се воведуваат постепено, па не мора да се појават веднаш по инсталирањето. Надградбата се инсталира преку Settings > Windows Update > Advanced options > Optional updates.
Ова е и последната опционална надградба за оваа година, бидејќи Microsoft најави дека во декември нема да објави таква поради празниците.





































