Фото: Manjaro Linux

Тимот што ја развива Linux дистрибуцијата Manjaro регистрираше непрофитна организација во Германија, наречена Manjaro Project e.V. Според објавата на форумот на проектот, таа е целосно независна од комерцијалната компанија Manjaro GmbH & Co. KG, која досега стоеше зад дистрибуцијата.

Организацијата е регистрирана во Берлин и засега има седум основачи од Холандија, Белгија, Германија, САД, Швајцарија и Италија. Меѓу нив е и Роман Гилг, кој во 2024 година стана технички директор на компанијата.

Ова е резултат на манифестот „Manjaro 2.0“ што дел од тимот го објави во март. Во него пишува дека проектот се води како лична работа на една личност, дека парите на компанијата не се вложуваат во развојот, па единствениот програмер со полно работно време останал без приход. Манифестот бараше проектот да се одвои од компанијата и да го води заедницата, а со неговото објавување почна и штрајк, со закана за „fork“ ако нема договор.

Водачот на проектот Филип Милер тогаш одговори дека нема ништо против ваква организација, но дека засега нема лично да учествува во нејзиното основање. Според него, компанијата и досега значително го финансирала проектот и од 2019 година плаќала програмери. Дополнително, напиша дека секое префрлање на имот мора тесно да се консултира со компанијата, а она што е важно за бизнисот ќе остане кај неа.

Неколку дена подоцна Милер порача тимот прво да ја основа организацијата, па дури потоа да му се обрати, што е и редоследот по кој тимот сега оди.

Токму имотот е отвореното прашање. Манифестот бара доменот manjaro.org, форумот, GitHub организациите, серверите и донациите да преминат кај организацијата, но според тимот сè уште ништо не е префрлено. Тимот најави дека прво ќе го доработи статутот, ќе прими нови членови и ќе отвори сопствена банкарска сметка, а на 18 ноември соопшти дека разговорите со компанијата веќе започнаа.

Последните „Testing“ и „Stable“ надградби тимот ги пушти без надзор од Милер. Според Франк Вандермеирен, еден од основачите, тоа покажува дека развојот на дистрибуцијата ќе продолжи.

Сепак, кој сака да го поддржи проектот треба да знае дека донациите засега одат на сметки што ги управува компанијата или Милер. Не е познато дали организацијата ќе отвори нови сметки или ќе ги преземе постоечките.

Manjaro е една од попознатите дистрибуции базирани на Arch Linux, а ако ви треба помош при изборот, погледнете го нашиот текст за тоа како да ја изберете соодветната Linux дистрибуција.