Американската администрација ги суспендираше Microsoft и Adobe, како и ИТ компаниите Capgemini, Cognizant, HCL, Infosys, Tata и Wipro, од програмата за трудова сертификација преку која странските работници можат да добијат зелена карта, односно постојан престој во САД. Владата ги обвинува компаниите за измама.
Министерот за труд Кит Сондерлинг на прес-конференцијата во Белата куќа рече дека министерството нема да прима нови, ниту да обработува веќе поднесени барања за сертификација што ги вклучуваат овие компании. За Microsoft и Adobe, според него, суспензијата е „поради повеќе активни федерални истраги“. Не е познато колку долго ќе трае.
Потпретседателот Џеј Ди Венс објасни дека компаниите мора прво да објават оглас за работа во САД, пред да се обратат до Министерството за труд. Според него, огласите завршуваат во „весник од мало гратче“, а недостигот на одговори потоа се користи како изговор за вработување странци. „Нашата порака до Microsoft е: Вие сте одлична американска компанија, но мора да вработувате одлични американски работници“, рече Венс.
Microsoft во изјава одговори дека „огромното мнозинство“ од нивните вработени во САД се Американци и дека ќе ѝ достават дополнителни информации на администрацијата. Според компанијата, од околу 6.000 барања за H-1B визи минатата фискална година, 80% биле за продолжување или промена на статусот на постојни вработени. Остатокот бил за луѓе што веќе легално живееле во САД, а тие сочинуваат само 1% од вработените на Microsoft во земјата.
Компанијата тврди и дека на работниците со H-1B визи им плаќа исто како на останатите вработени на слична позиција. Сепак, изјавата зборува за H-1B, привремените работни визи, а суспензијата се однесува на барањата за зелена карта, кои Microsoft не ги спомнува. Adobe не одговори веднаш на барањето за коментар од TechCrunch.
H-1B визите се наменети за работни места за кои тешко се наоѓаат американски работници. Технолошките компании се најголеми корисници, а речиси три четвртини од одобрените визи одат кај работници од Индија, според AP. Венс најави и истрага за девет универзитети, меѓу кои Харвард, Јејл, Стенфорд и MIT, поради наводна злоупотреба на J-1 визите за меѓународна размена.
И покрај сето ова, Трамп истиот ден во Вашингтон им го додели Националниот медал за технологија и иновации на Сатја Надела и на основачот на Dell, Мајкл Дел, на церемонијата на која Елон Маск го доби медалот за наука.



































