Фото: Белата Куќа

Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот му го додели на Елон Маск Националниот медал за наука, кој Белата куќа го нарекува највисоко американско признание за достигнувања во науката. Церемонијата се одржа на самитот „Science: A New Golden Age“ во Институтот за мир во Вашингтон.

Истиот медал го добија и коосновачот на Google Сергеј Брин, директорот на Nvidia Џенсен Хуанг и директорката на AMD Лиса Су. Директорот на Microsoft Сатја Надела и основачот на Dell Мајкл Дел го добија Националниот медал за технологија и иновации. Според Fox News, Трамп за прв пат ги доделува овие медали, во кој било од неговите два мандати.

Во образложението Белата куќа го наградува Маск „за инженерски достигнувања со извонредна амбиција и размер“ што ги поместиле границите на истражувањето на вселената, интелигентните системи и комуникациите. Ниту SpaceX, ниту Tesla не се спомнуваат по име, иако образложението зборува и за „ново поглавје во американското производство“.

Трамп на церемонијата го нарече Маск „нашиот модерен Томас Едисон“ и рече дека „малкумина Американци во историјата направиле повеќе за националниот интерес од Елон, во една област по друга“, пренесува Al Jazeera. Директорот на Канцеларијата за наука и технологија на Белата куќа, Мајкл Крациос, за сите шестмина добитници рече дека се „архитекти на иднината“.

Медалот за наука се доделува од 1963 година. Номинациите ги собира Националната научна фондација, а добитниците ги избира комитет што го именува претседателот. Медалот е наменет за научници и инженери, а овојпат сите четворица добитници се директори или основачи на големи технолошки компании.

Признанието има и политичка заднина. Маск во почетокот на вториот мандат на Трамп ја предводеше работата на DOGE, а кон крајот на мај 2025 година, околу заминувањето, јавно го нападна законот за даноци и трошоци на Трамп и дури најави формирање на сопствена политичка партија. Трамп тогаш се закани дека ќе ги прекине владините договори на неговите компании, но двајцата подоцна се помирија.