На конференцијата Microsoft Build, Microsoft го претстави Surface RTX Spark Dev Box, компактен компјутер изграден околу Nvidia RTX Spark суперчипот и наменет за она што компанијата го нарекува „local-first” развој со вештачка интелигенција.
Уредот е замислен за програмери кои сакаат да „прототипираат“, дотеруваат и стартуваат модели директно на својот компјутер, а до „облакот“ да посегнат само кога работата навистина го бара тоа.
Новиот Dev Box доаѓа неполна недела по Surface Laptop Ultra, лаптопот што Microsoft го најави претходно оваа седмица. Двата уреди заедно претставуваат нова насока за Surface, односно посебна линија производи изработени конкретно за луѓето што развиваат софтвер.
Во срцето на машината е Nvidia RTX Spark суперчипот, кој комбинира Nvidia Blackwell RTX графички процесор и енергетски ефикасен NVIDIA Grace централен процесор. Со ова Microsoft ветува до 1 „петафлоп“ пресметковна моќ за ВИ задачи и 128 GB обединета меморија, доволно за локално извршување модели со над 120 милијарди параметри и контекст од милион токени или за дотерување модели што претходно барале изнајмени GPU инстанци во „облак“.
Куќиштето е изработено од алуминиум што воедно служи и за ладење, што е логичен избор со оглед на тоа дека уредот е наменет за долготрајни сесии и сложени „агентски” процеси кои бараат стабилни перформанси.

Surface RTX Spark Dev Box доаѓа со Windows 11 Pro однапред наместен за програмерите. Тоа подразбира темна тема, поедноставена долна лента, отстранети „виџети“, вклучен Developer Mode и PowerShell 7 како стандарден „shell”.
Дополнително, WSL 2 е конфигуриран со GPU поддршка и CUDA, а веднаш се достапни VS Code, GitHub Copilot, Git, Python и Node.js.
Surface RTX Spark Dev Box ќе биде достапен подоцна оваа година, засега само во САД и исклучиво преку Microsoft.com. Штета што и овој пат линијата на Surface останува географски ограничена, па кај нас останува само да следиме како ќе се однесува уредот во рацете на оние што имаат пристап до него.








































