Apple денес го најави, а започна и со испраќање на покани за настан на 13 октомври, со што ги потврди неофицијалните информации за неговото одржување. Со тоа слободно може да се очекува дека гласините кои беа објавени се вистинити, па како што е со години стандардно, веќе скоро со сигурност знаеме што да очекуваме да биде претставено.
Во поканата Apple истакнува „Welcome home“, односно „Добредојде дома“, па може да се каже дека и со тоа ги потврдуваат гласините, односно дека на настанот ќе бидат претставени уреди за паметните дом.
Главните информации за овој настан дојдоа пред неколку денови од Марк Гурман, кој секако е доста сигурен извор. Тој најавува претставување на повеќе пати одложуваниот уред со мал екран кој е замислен да се постави на маса или на ѕид и кој ќе работи на основа на Siri AI, поради што и беше одложуван.
Покрај овој уред, за кого повеќе можете да прочитате во нашата претходна статија, се очекува претставување и на нова верзија од HomePod mini звучникот, како и нова верзија од Apple TV, уреди кои не се „освежени“ уште од 2020, односно 2022 година.
Гласините најавуваат и цела низа на уреди како паметни камери, паметни брави и слично, кои наводно Apple нестандардно за нив, ќе ги претстави во соработка со LG.
Инаку, настанот ќе се одржи во Њујорк со почеток во 15:00 часот, а од поканата личи дека нема да има пренос во живо, туку само објава на новите уреди на страната од компанијата, но ќе видиме.







































