Фото: DepositPhotos

Apple изгледа конечно се подготвени да влезат во нова голема категорија на пазарот, паметниот дом. Ова го пишува Марк Гурман во најновата статија за Bloomberg, која е насловена како „Apple конечно се подготвени да влезат во својата следна голема категорија: паметниот дом“.

Според неименувани извори на Гурман, компанијата планира на 13 октомври да претстави три уреди, а Apple не сакале да коментираат. Ова би бил голем тест за новиот директор Џон Тернус, кој функцијата ја презеде на 1 септември, бидејќи Apple досега не успеа многу во оваа категорија, во која предничат Amazon и Google.

Во центарот е уредот за паметен дом со интерна ознака J490, со квадратен екран од околу 6 инчи, кој ќе има верзија за маса и верзија за на ѕид. Верзијата за маса потсетува на познатиот iMac G4 од 2002 година, односно екранот стои на метална рачка над тркалезна основа во која се звучниците и микрофоните.

Уредот нема батерија, па мора постојано да биде приклучен на струја преку USB-C, а нема ни копчиња за звук и за вклучување. Бидејќи е наменет да стои на едно место, има само една камера за FaceTime на предната страна.

Главната новина е што уредот ќе препознава кој зборува или му се приближува, по гласот или по лицето и ќе ги прикажува неговите пораки, календар и белешки. Препознавањето на лицето сепак е помалку сигурно од Face ID, пишува Гурман, па корисниците по желба ќе можат да побараат дополнителна потврда преку iPhone, кој ќе служи и како резервно решение.

Apple замислува неколку вакви уреди низ домот, за управување со паметните уреди, видео повици, музика и фотографии, а во кујната и за барање рецепти со глас. За гостите ќе има посебен режим кој ги крие личните податоци.

Apple планира да претстави и нов HomePod mini, првиот по 2020 година и нов Apple TV, прв по 2022 година. Двата уреди го задржуваат постојниот изглед, но добиваат побрзи процесори за новата Siri, а HomePod mini и нови бои, меѓу кои зелена и розова.

Сите три уреди првично требаше да стигнат уште во 2024 година, заедно со новата Siri, но доцнењето на асистентот ги одложи и нив.

Apple дополнително работи на безбедносна камера со сензор, која препознава во која просторија е човекот без да снима видео, како и на понапредна верзија на уредот, со екран од 9 инчи на роботска рака.

Цената засега не е позната, како ни кога уредите ќе стигнат во продажба и дали Apple ќе одржи настан или ќе ги објави само со соопштение.

Siri инаку сè уште не го поддржува македонскиот јазик, па вакви уреди кај нас веројатно ќе бидат корисни главно за тие што веќе ја користат на англиски, а доста често тие и не стануваат достапни во продажба.