Фото: NewMan’s Business Accelerator

Македонија е избрана за една од шесте земји во кои ќе се одржат CASSINI Space Camps во 2027 година, иницијатива на Европската комисија преку Генералниот директорат за одбранбена индустрија и вселена (DG DEFIS). Локален организатор е NewMan’s Business Accelerator, кој од 10 до 18 јануари 2027 година ќе го реализира деветдневниот резиденцијален камп „Mission Macedonia 2030: Solving Earth Challenges with Space“.

Кампот ќе обедини 35 млади од цела Македонија, на возраст од 14 до 18 години, избрани преку отворен повик, кои ќе имаат можност да учат, експериментираат и работат со повеќе од 40 домашни и меѓународни експерти, предавачи и ментори од областа на вселенските технологии, науката, инженерството, вештачката интелигенција и претприемништвото.

Учеството во кампот е бесплатно, а програмата вклучува сместување, исхрана, образовни активности, практични работилници, менторство и организиран превоз за теренските активности. Кампот ќе се одржи во Виница, додека завршниот настан, на кој учесниците ќе ги претстават своите иновативни решенија, ќе се одржи во Скопје.

Од вселенските технологии до практични решенија и идни кариери

За разлика од традиционалните образовни програми, CASSINI Space Camp ќе им овозможи на младите, далеку од градскиот метеж, девет дена да се дружат, да создаваат нови пријателства и заедно да истражуваат како европските вселенски технологии и податоци, вклучувајќи ги Copernicus и Galileo, можат да се применат за решавање конкретни проблеми во нивните заедници.

Програмата ќе биде фокусирана на две тематски области:

  1. Земјоделство, управување со природни ресурси и климатска отпорност – примена на сателитски податоци за следење на земјоделските површини, управување со водните ресурси, животната средина и климатските ризици.
  2. Паметни заедници, мобилност и отпорност на природни непогоди – користење вселенски и дигитални технологии за подобра инфраструктура, транспорт, јавни услуги, безбедност и подготвеност за вонредни ситуации.

Учесниците ќе работат во мултидисциплинарни тимови, ќе учествуваат во интерактивни работилници, теренски посети, инженерски активности и роботика, симулации и менторски сесии. Предвидени се и астрономски активности поврзани со Кокино, зависно од временските услови.

Покрај практичната примена на вселенските технологии, посебен дел од програмата ќе биде посветен на можностите за образование и кариера во вселенскиот сектор. Преку разговори и менторски средби со научници, инженери, претприемачи и други професионалци, младите ќе откријат дека вселенската индустрија нуди многу повеќе професии од астронаути и инженери. Ќе се запознаат и со основите на вселенското претприемништво, развојот на иновативни бизнис-модели и можностите за финансирање на решенија засновани на вселенски технологии, вклучително и преку европски програми, инвестиции и соработка меѓу јавниот и приватниот сектор.

Партнери во реализацијата и институционална соработка

NewMan’s Business Accelerator ја организира програмата во партнерство со Академијата за роботика и иновации и Асоцијацијата на советници за развој на кариера (АСК). Академијата, со своето искуство од FIRST LEGO League и работата со млади таленти, ќе придонесе во реализацијата на практичните STEM активности, инженерските предизвици и техничкото менторство. АСК ќе биде вклучена во селекцијата и поддршката на учесниците, кариерното советување и работилниците посветени на образовните и професионалните можности во вселенскиот и технолошкиот сектор.

Во образовните и практичните активности на кампот ќе бидат вклучени професори, истражувачи и експерти од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Градежниот факултет и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кои ќе придонесат со знаење, лабораториски ресурси и практични демонстрации од областа на земјоделството, животната средина, геопросторните технологии, вештачката интелигенција и инженерството. Во програмата ќе бидат вклучени и претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за транспорт, Дирекцијата за заштита и спасување, како и општините Кочани и Битола, кои ќе придонесат со реални локални предизвици, практични примери и експертска поддршка во областите на земјоделството, управувањето со природните ресурси, транспортот, инфраструктурата и отпорноста на природни непогоди. 

Во промоцијата на кампот ќе се вклучат Иновативност.мк како водечки медиумски партнер и IT.mk како медиумски партнер за технолошката заедница. Здружението „Донирај компјутер“ ќе помогне информациите да стигнат до младите од помалите населени места и различни социјални средини, додека младинската асоцијација МАССУМ ќе го промовира повикот преку својата мрежа од 75 средни стручни училишта. STEM Роботика Кочани ќе придонесе во регионалната промоција, практичните STEM активности и поврзувањето со ученици и наставници.

Завршна презентација на младинските иновации во Скопје

На 18 јануари 2027 година, учесниците ќе ги претстават своите идеи и решенија на CASSINI Innovation Expo & Demo Day во Скопје, пред стручна комисија, претставници на компании, универзитети, јавни институции, родители и гости. Тимовите ќе презентираат прототипови, дигитални решенија, мапи, апликациски концепти и други идеи развиени во текот на кампот.

Настанот ќе се реализира во соработка со ИНОВА – Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво, која ќе придонесе во поврзувањето на младите со националниот иновациски и претприемачки екосистем. Точната локација ќе биде дополнително објавена.

Отворена можност за младите од цела Македонија

На кампот можат да се пријават млади на возраст од 14 до 18 години од цела Македонија, без разлика во кое основно или средно училиште учат. Право на учество имаат и ученици од други земји членки на Европската Унија или земји асоцирани со програмата Хоризонт Европа, под услов да имаат државјанство или постојан престој во некоја од овие земји и да посетуваат училиште во земја што ги исполнува условите на програмата. Не е потребно претходно искуство во вселенски науки, роботика, програмирање или претприемништво. Изборот ќе се спроведе преку отворен и конкурентен повик, со акцент на мотивираноста, љубопитноста, креативноста, подготвеноста за соработка и застапеноста на млади од различни региони и образовни средини. Работен јазик ќе биде англискиот, со можност за определени појаснувања на македонски и албански јазик.

Пријавувањето за учество на CASSINI Space Camp ќе биде отворено од 5 до 20 ноември 2026 година. Линкот за аплицирање, условите за учество и критериумите за избор ќе бидат објавени преку официјалните комуникациски канали на CASSINI Space Camps (https://www.cassini.eu/spacecamps) и NewMan’s Business Accelerator (www.newmansba.com; https://www.facebook.com/NewMansBA; https://www.facebook.com/MKSpaceEdu).

Можност за вклучување на домашните компании

CASSINI Space Camp се реализира со финансиска поддршка од европската програма CASSINI и со придонес од локални партнери и поддржувачи. NewMan’s Business Accelerator ги поканува компаниите да се вклучат во иницијативата. Дополнителната поддршка ќе овозможи поголем број меѓународни експерти да престојуваат во земјата и непосредно да работат со младите, како и збогатување на практичните и менторските активности. Компаниите ќе имаат можност да придонесат во развојот на идните научници, инженери и претприемачи и да им ги претстават своите професионални и кариерни можности.