Фото: DepositPhotos

Microsoft им понуди доброволно заминување од компанијата на околу 60.000 вработени во тимовите што учествуваат во програмата во САД, Канада, Велика Британија и Индија. Понудата, наречена „Voluntary Exit Offer“, е објавена во понеделникот во интерна порака до вработените, а бројката компанијата ја потврди за GeekWire. Тоа е околу четвртина од вкупно 223.000 вработени, колку што компанијата имаше на 30 јуни.

„Оваа понуда им дава на вработените што ги исполнуваат условите, а можеби размислуваат за иднина надвор од компанијата, нов избор таа промена да ја направат сега, со поддршка“, напиша Ејми Колман, главната директорка за човечки ресурси во Microsoft.

Пакетот е еднаков на стандардната отпремнина во компанијата, со плата според стажот и нивото, продолжено стекнување на акциите, здравствено осигурување во одреден период и помош при барање нова работа. Сепак, не го нуди продолженото здравствено осигурување, кое беше една од главните предности на пролетната програма. Вработените имаат рок до првата недела од декември.

Овојпат нема услов за возраст или стаж, а според компанијата не се гледаат ни резултатите на вработениот. Понудата важи до ниво 70 на интерната скала на Microsoft, што значи генерални менаџери и дел од вработените со титула потпретседател, но не и корпоративните потпретседатели. Пролетната програма, прва ваква во историјата на компанијата, беше само за вработените во САД до ниво 67 чиишто години и стаж заедно достигнуваа одреден праг. Тогаш понудата ја прифатија околу 30% од приближно 8.750 вработени што ги исполнуваа условите.

Дополнително, раководителите сами одлучуваат дали нивниот сектор ќе учествува. Продажбата не учествува, а ниту дел од инженерските тимови и корпоративните служби.

Според Microsoft, понудата не значи дека компанијата има потреба од помалку вработени и не ги заменува отпуштањата, кои ќе останат опција зависно од деловните услови. Бројот на вработени инаку се намалува. Бројката од 223.000 е за 5.000 помала од онаа година порано, а е од пред јули, кога компанијата отпушти 4.800 вработени, или околу 2%. Во септември следуваа уште неколку стотици, откако во 2025 година имаше отпуштања на повеќе од 15.000 луѓе.

Како и останатите големи технолошки компании, Microsoft е под притисок да ги намали трошоците додека вложува десетици милијарди долари во центри за податоци и AI инфраструктура.

Не е познато колку вработени ќе ја прифатат понудата, но Microsoft очекува тоа да бидат значително помалку од 30%. Повеќе детали, можеби и проценка на трошоците, може да има во среда, кога компанијата ги објавува квартални резултати.