На 26 ноември во Лабораториум, Скопје, ќе се одржи Career & Inclusion Expo 2026 настан што ги поврзува младите со работодавачи, HR професионалци и кариерни советници и отвора дискусија за препознавањето на потенцијалот во образованието и на работното место.
Под пораката „Different Minds. Valuable Skills.“, програмата обединува панел со лични искуства и професионални перспективи, како и кариерен саем со компании, работилници и активности за кариерно насочување.
Career & Inclusion Expo 2026 – Младински саем за вработување
Студентите, младите дипломци и младите што бараат работа или размислуваат за следниот кариерен чекор ќе можат директно да разговараат со претставници на различни компании. Посетителите ќе имаат можност да дознаат кои профили и вештини ги бараат работодавачите, да се информираат за можностите за вработување и да постават прашања за процесот на селекција и подготовката за интервју.
Во рамките на саемот ќе се одвиваат и работилници и активности за кариерно насочување. Преку интерактивни активности и разговори со кариерни советници, младите ќе можат да ги истражат своите интереси и силни страни и да добијат практични насоки за својот професионален развој.
Кариерниот саем започнува од 16:00 до 18:00 часот, а влезот е слободен.
Отворен разговор за дислексијата и препознавањето на потенцијалот
Панел-програмата „Дали навистина го препознаваме потенцијалот на луѓето?“ е најавена од 12:30 часот.
Градоначалникот на Велес, Марко Колев, ќе зборува отворено за своето лично искуство со дислексијата. Искуства ќе сподели и Дамјан Николовски, претседател на Здружението за дислексија АЈНШТАЈН, а дискусијата ќе ги поврзе личните сведоштва со перспективите на образованието, бизнис-секторот и институциите.
Во фокусот ќе бидат предизвиците во учењето и професионалниот развој, предрасудите и начините на кои образовните установи и работодавачите можат да создадат повеќе можности младите да ги покажат своите способности.
Панелот ќе отвори прашања за тоа како се проценува потенцијалот на кандидатите, кои вештини остануваат непрепознаени и како кариерното насочување и процесите на вработување можат да станат поинклузивни.
За учество во панел-програмата е потребна претходна пријава преку формуларот објавен во Facebook настанот. Бројот на места е ограничен, а учесниците ќе добијат потврда за учество.
Career & Inclusion Expo 2026 го организираат Здружението за дислексија АЈНШТАЈН и Creative House, во партнерство со Универзитет Американ Колеџ Скопје и KMT Solutions. Настанот се реализира во рамките на проектот SkillCompass, кофинансиран од Европската Унија преку програмата Еразмус+.
Дополнителни информации:
Кариерен саем
https://www.facebook.com/share/1CPxirX3XT
Панел-програма и пријавување





































