Кирт Мекмастер, еден од основачите на Cyanogen, преку својата компанија KORA Systems го претстави KORA, нов оперативен систем за компјутери на основа на Linux, во кој „AI“ моделите и агентите се дел од самиот систем. Компанијата порано се викаше Playtron и го развиваше GameOS, Linux систем за играње игри, кој сега останува во KORA како режим GameFrame што го претвора компјутерот во конзола.
Според KORA, на macOS и Windows вештачката интелигенција е затворена во апликација или во таб во прелистувачот и не може да ги види хардверот, датотеките и другите апликации. Затоа системот е организиран околу „невронски работни простори“, одвоени за секој проект или клиент, а „AI“ го гледа само отворениот простор.
Секој работен простор е изолиран, корисникот одредува до кои датотеки, уреди и сервиси имаат пристап апликациите и агентите, а тоа го спроведува AppArmor.
Во основата е Cortex, кој ја распоредува „AI“ работата меѓу „CPU“, „GPU“ и „NPU“, па и меѓу другите компјутери во мрежата. Во основните поставки работат локални модели, а моделите од „облакот“ се вклучуваат кога задачата го бара тоа. Компанијата проценува дека во 2027 година околу 70% од повиците до моделите што ги управува KORA ќе се извршуваат локално, во зависност од хардверот и задачата.
KORA ветува систем отворен за модели од сите компании, па во ист разговор ќе може да се префрли од нивниот агент на Codex или Claude Code без губење на контекстот. Сепак, според TechCrunch, Cortex и изгледот на системот се затворен код. Тоа значи дека KORA е отворена кон туѓите модели, но засега не и во сопствениот софтвер што го гради врз Linux.
Компанијата речиси една година работи со инженери од Qualcomm на лаптопите со Snapdragon X2 Elite, на кои според KORA локално може да работи модел со 26 милијарди параметри. Самиот Qualcomm својата Linux поддршка за овие лаптопи ја објави во септември, засега како рана верзија за програмери.
Првиот систем на оваа основа ќе биде HUMAIN OS, верзија за компании што KORA ја развива со саудиската „AI“ компанија HUMAIN, со првите лаптопи во 2027 година. KORA треба да стигне подоцна истата година, а според TechCrunch ќе биде бесплатна и ќе работи и на компјутери со Intel и AMD, додека заработката ќе доаѓа од претплати за „AI“ модели и агентски услуги. Самата компанија вели дека цената и деловниот модел ќе ги објави поблиску до излегувањето.
Мекмастер не цели на сите корисници на Windows. „Microsoft нека си ја задржи својата милијарда корисници“, изјави тој, проценувајќи дека 45 до 50 милиони луѓе денес носат голем дел од користењето и приходите од вештачката интелигенција.
Засега нема верзија за преземање, а не е познато дали ќе има ограничувања по земји.





































