Фото: Wild OS

Нова Linux дистрибуција наречена Wild OS се обидува да го реши најголемиот проблем при преминот од Windows, а тоа се апликациите без кои многумина не можат да работат. Наместо да ги преведува Windows програмите како што тоа го прави на пример Zorin OS преку Wine, Wild OS во позадина користи вистинска копија на Windows 11 во виртуелна машина, а секоја апликација се отвора како посебен прозорец на Linux десктопот.

Системот е заснован на Debian 13 и KDE Plasma, но според авторите секој екран што го гледа корисникот е изработен одново за да потсетува на Windows, од Старт менито и долната лента до поставките и „инсталерот“. Под тоа се безбедносните пакети на Kicksecure, проект на основачот на Whonix, а шифрирањето на дискот е вклучено уште при инсталацијата.

Делот за Windows апликации, наречен Windows mode, бара лиценца за Windows 11 Pro. Според проектот, повеќето компјутери што се продаваат со Pro верзијата ја имаат лиценцата запишана во самиот компјутер, па Wild OS сам ја пронаоѓа, а може да се внесе и купен клуч за Pro. Самиот Windows се симнува директно од Microsoft. Windows 11 Home засега не е поддржан, бидејќи функцијата што ги прикажува апликации како посебни прозорци ја има само во Pro.

Авторите наведуваат дека работат Microsoft 365 и Adobe програмите, но графички тешката работа е побавна. Игрите се пуштаат преку Proton на Steam, а оние со „anti-cheat“ заштита на ниво на кернел, како Valorant и Fortnite, не работат.

Wild OS нема сметка ни реклами и според авторите не праќа никакви податоци за користењето. Кодот е јавен на GitHub, па тоа во принцип може да се провери. Сепак, самиот Windows во Windows mode и понатаму комуницира со Microsoft, а собирањето податоци е само намалено „колку што дозволува Microsoft“.

Зад проектот стои Wild Origins, мала фирма за изработка на веб-страници од Велс, а целиот код на GitHub го објавува една сметка. Првата алфа верзија излезе на 8 ноември, а досегашните пријави за проблеми ги отворил еден тестер, меѓу нив и неуспешно поставување на Windows mode и лиценца што не се активира. Повеќето се поправени за еден до два дена, но тоа покажува и колку проектот е нов.

Wild OS е бесплатен за 64-битни компјутери и може да се проба од USB без инсталирање. Самите автори советуваат прво да се направи резервна копија од важните податоци, па Wild OS засега е повеќе за експериментирање, слично како неодамна претставениот Pond.