Google го претстави Gemini for healthcare, решение со вештачка интелигенција наменето за болниците, здравствените установи и здравствените осигурители. Тоа е надградба на агентот Gemini, кој Google го претстави на 8 октомври, а кој наместо само да одговара на прашања треба сам да извршува задачи во повеќе чекори.
Според Томас Куриан, извршниот директор на Google Cloud, податоците во здравството се расцепкани низ картони, системи за наплата и административни алатки што не работат заедно. Google во објавата наведува дека клиничкиот персонал троши речиси 28 часа неделно на рачно поврзување на информации. Сепак, во анкетата што Google ја нарачал од The Harris Poll во 2024 година, таа бројка се однесува на сите административни задачи, од водење картони до пополнување формулари за осигурување.
Кај здравствените установи, агентот треба да ја собере историјата на пациентот од различни извори, да ги одвои активните од завршените дијагнози и да ги означи несовпаѓањата во терапијата. Пред прегледот го подготвува картонот, а за барањата до осигурителот составува документација според неговите правила, за да има помалку одбиени барања. Ако барањето сепак се одбие, а картонот ја поддржува жалбата, може да подготви нацрт на жалба.
Кај осигурителите, ги проверува пристигнатите барања наспроти медицинските правила на осигурувањето и ги средува за клиничкиот рецензент што ги разгледува. Дополнително, на вработените им ги проценува трошоците што ги плаќа пациентот, врз основа на документите од неговиот пакет осигурување.
Задачите се дефинирани како „skills“, односно упатства што ги напишале експерти од областа. Тоа е истиот систем што деловниот агент Gemini го користи од октомври, а Google ги воведува „skills“ и во Gemini за обичните корисници. Gemini се поврзува и со системите за електронски картони Epic и Oracle Health, но според Google само за читање, без можност да менува нешто во картоните. Поврзувања има и со Salesforce, GoodRx, Microsoft 365 и Google Workspace.
Gemini for healthcare засега е достапен како „преглед“ само во САД, за компаниите со Gemini Enterprise Standard и Plus. За разлика од ChatGPT Health и Copilot Health, кои се за обичните корисници, ова решение е наменето за организациите. Не е познато дали и кога ќе стигне надвор од САД.






































