Американската компанија System76, која продава лаптопи и компјутери со Linux, го објави Pop!_OS 26.04 LTS, новата верзија со долгорочна поддршка на својата дистрибуција. Таа се заснова на Ubuntu 26.04 LTS, која излезе во април и доаѓа со COSMIC, десктопот што компанијата сама го развива.
Главната новина се Constellations, готови теми кои со еден клик ги менуваат позадината, боите, иконите и фонтовите. Досега за тоа требаше да се поминат неколку различни делови од поставките, а сега сè е на едно место во „Settings > Desktop > Appearance“. Темите може и понатаму да се менуваат, да се зачуваат како резервна копија и да се споделат со други, а може да се вклучи и ефектот на заматено стакло („Frosted Glass“).
Дополнително стигнува поддршка за таблети за цртање, со препознавање на наклонот на пенкалото, што според System76 го отвора системот за графички дизајн, обработка на фотографии, анимација, белешки и CAD програми.
Тука е и тастатура на екранот која работи со допир и со гејмпад, што изгледа е наменето за користење на телевизор.
Автоматските ажурирања сега може да се вклучат уште при првото поставување на системот или подоцна во поставките. Од апликациите, System76 ги издвојува COSMIC Viewer за слики, COSMIC System Monitor и целосно редизајнираната продавница COSMIC Store.
Листата ја заокружуваат поддршка за далечински пристап до десктопот, подобрувања за пристапноста, како наоѓање на курсорот со тресење на глувчето и подобро зумирање на екранот, подобро однесување на курсорот во игрите и подобар автоматски избор на графичка картичка кај лаптопите со два графички чипа.
Сепак, голем дел од ова не е ново за корисниците на Pop!_OS 24.04 LTS. COSMIC се ажурира континуирано, независно од верзијата на системот, па многу од функциите веќе стигнаа преку редовните ажурирања.
System76 препорачува нова инсталација за целосното искуство, а надградбата од 24.04 на 26.04 ќе биде вклучена во декември. Pop!_OS е бесплатен и може да се преземе од страницата на компанијата.




































