Фото: OpenAI

OpenAI и Cisco го претставија Shirudo, систем со отворен код што треба да им помогне на тимовите да ги заштитат Linux серверите додека се подготвува и тестира закрпа за некој безбедносен пропуст. Името на јапонски значи „штит“, а така се викаат и привремените заштити што ги создава.

Според OpenAI, тестирањето и воведувањето на закрпа и денес може да трае денови или недели. Проблемот е што нападот и легитимното барање често користат иста операција во Linux, па нејзиното целосно блокирање може да ја урне и самата услуга.

Со Shirudo, тимовите можат да проверат дали одреден штит го блокира однесувањето преку кое се злоупотребува пропустот, а притоа ги пропушта нормалните барања. Откако операторот ќе го одобри, штитот се вклучува без услугата да се рестартира.

Shirudo работи со „eBPF“, технологија во Linux што овозможува мали програми да се извршуваат на одредени места во оперативниот систем. Штитовите се криптографски потпишани и се проверуваат пред да се вчитаат, а TPM чипот помага да се води проверлив запис за вчитаните и отстранетите заштити.

Како пример, OpenAI го наведува пропустот Java4Shell, кој беше поправен во OpenJDK минатата недела. Во контролиран тест, штит направен со Codex додал проверка на влезните податоци во Base64 декодерот на Java и го блокирал обидот за напад врз Elasticsearch, без рестарт. Од Isovalent појаснуваат дека овој штит е напишан како Java „bytecode“, а не како „eBPF“ програма.

Според Isovalent, Shirudo потекнува од нивниот Tetragon, но е напишан одново за „AI“ агенти, кои заштитите ги пишуваат директно како код наместо преку правила наменети за луѓе. Сепак, OpenAI нагласува дека безбедносните тимови одлучуваат што ќе се вклучи.

Грег Брокман, претседател и коосновач на OpenAI, вели дека наоѓањето пропуст денес не значи дека секој систем може да се закрпи утре. Бидејќи многу тимови го користат истиот софтвер, според него има смисла овие алатки да се градат отворено.

Кодот е на GitHub под лиценцата BSD 2-Clause, а „eBPF“ програмите имаат двојна лиценца BSD и GPL. Shirudo може да се испроба во виртуелна машина, а OpenAI планира тестирани штитови да се објавуваат заедно со пријавите за пропусти.

Shirudo изгледа како уште еден одговор на бранот пропусти откриени со вештачка интелигенција. Вакво нешто веќе почувствуваа прелистувачите, па Mozilla го менува начинот на кој ги објавува закрпите, а Canonical им нуди рани закрпи подготвени со вештачка интелигенција на корисниците на Ubuntu Pro. OpenAI пак неодамна им даде пристап до своите модели за сајбер безбедност на институциите на NATO.