Canonical, компанијата што стои зад Ubuntu, на 12 ноември објави дека корисниците на Ubuntu Pro можат порано да добиваат безбедносни закрпи што ги подготвува систем со вештачка интелигенција. Закрпите стигнуваат во нова архива со пакети наречена Edge, која не е вклучена во основните поставки.
Според Canonical, причината е бранот пријави за пропусти и напади со помош на „AI“ агенти. Нивните безбедносни тимови оваа година веќе објавиле двојно повеќе поправки од минатата, а прегледите и тестирањето од страна на луѓе траат подолго отколку што некои корисници можат да чекаат. Вакво нешто веќе почувствуваа и прелистувачите, па Firefox и Chrome неодамна добија закрпи за над 200 пропусти, а Mozilla го менува начинот на кој ги објавува.
Системот се вика Surge и според Canonical, го сочинуваат повеќе „AI“ агенти што ги распоредуваат пропустите, ги пренесуваат постоечките поправки во пакетите за постарите верзии на Ubuntu и меѓусебно ги оценуваат. Кога моделите не се согласуваат или не се доволно сигурни, случајот оди кај безбедносните инженери на Ubuntu, а секоја закрпа потоа се гради и тестира како секој друг пакет.
Surge се фокусира на веќе познатите пропусти и работи само со програмите надвор од јадрото на системот. Закрпите за јадрото не одат преку Surge, бидејќи според Canonical тоа бара поинаков пристап, а за нив компанијата неодамна воведе побрз циклус на ажурирања.
Компанијата нагласува дека ова не е промена на нивната безбедносна политика. Закрпите од Edge не стигнуваат автоматски во стабилните верзии, а редовните безбедносни ажурирања и понатаму ги проверуваат луѓе. Edge всушност нуди закрпи пред да ги поминат сите проверки.
Архивата е достапна за верзиите со долгорочна поддршка, од Ubuntu 18.04 до Ubuntu 26.04, но засега не и за Ubuntu 26.10 и другите меѓуверзии. Се вклучува со две команди во терминалот, ако во Ubuntu Pro е вклучена барем една од услугите ESM Infra или ESM Apps, а ажурирањата од неа во основните поставки не се инсталираат автоматски, туку корисникот ги избира една по една. Ubuntu Pro е бесплатен за лична употреба на најмногу пет компјутери, па архивата не е само за компаниите.
Canonical отворено вели дека истражувачите и напредните корисници, со тестирање во реална употреба, ќе ѝ помогнат да ја потврди стабилноста на закрпите пред тие да стигнат до сите. Тоа значи дека тие што ќе ја вклучат Edge практично ќе бидат тестери, во замена за побрза заштита.






































