Affinity, бесплатната апликација за дизајн на Canva, ќе добие и верзија за Linux. Официјалниот профил на Affinity на X, одговарајќи на корисници кои прашуваа за поддршка за Linux, напиша дека оваа верзија „активно се развива“, но дека засега нема рок кога ќе биде достапна.
Одговорот е објавен на 2 ноември, истиот ден кога верзијата за iPad стигна во App Store, а според XDA дошол под објавата со која Affinity ја промовираше таа верзија. Тоа значи дека Linux ќе биде четвртиот систем за апликацијата, по Windows, macOS и iPadOS.
Не е познато ни како ќе биде изработена верзијата за Linux, односно дали ќе биде посебно прилагодена за системот или ќе се потпира на слој за компатибилност. Како што забележува OMG! Ubuntu, одговорот не кажува ништо за тоа.
Canva ја купи Affinity во 2024, а во октомври 2025 ги спои Affinity Photo, Designer и Publisher во една бесплатна апликација. Платени се само алатките со вештачка интелигенција, за кои е потребна претплата на Canva.
Бидејќи официјална верзија засега нема, корисниците на Linux Affinity можат да ја користат само преку Wine, слојот за извршување на Windows апликации. Еден од неофицијалните проекти е Linux Affinity Installer, кој нуди и готова „AppImage“ верзија, но според OMG! Ubuntu ваквите решенија имаат проблеми со најавата со Canva сметката, хардверското забрзување, големината на интерфејсот и надградбата на поновите верзии.
Потврдата не е сосема неочекувана. Уште во ноември 2025 Лијам Фишер, глобален раководител за маркетинг на Affinity, за TechCentral изјави дека верзијата за Linux сериозно се разгледува во компанијата и дека е меѓу најчестите барања на корисниците, но дека сè уште нема „зелено светло“.
За Linux ова сепак е значајна вест, бидејќи професионалните алатки за дизајн на овој систем досега беа главно апликации со отворен код, како GIMP, Krita и Inkscape.




































