Фото: Daniel Romero на Unsplash

Microsoft ги објави резултатите од работата на Windows 11 за компјутерите со 8 GB RAM, која ја најавија на крајот на јули. Според објавата на Паван Давулури, извршен потпретседател за Windows и уреди, системот на овие компјутери сега реагира до 20% побрзо, а работата со повеќе апликации истовремено е до 40% побрза во нивниот лабораториски тест.

Најголемата промена е во компресијата на меморијата. Според Microsoft, Windows сега може да чува до 2 GB повеќе активни податоци во работната меморија, наместо да ги префрла на побавниот диск.

Старт менито, пребарувањето, менито на десен клик, Settings, Snipping Tool и File Explorer, според телеметријата на компанијата, реагираат до 20% побрзо во споредба со јануарската верзија на системот. Дополнително, Edge се отвора до 33% побрзо, а Teams на компјутерите со 8 GB може сам да го вклучи режимот за заштеда на ресурси и да стартува до 20% побрзо.

Widgets на компјутерите со 8 GB или помалку меморија сега се вчитува дури кога ќе се отвори, што заштедува околу 200 MB, а неактивните табови во Edge во основните поставки „заспиваат“ по 15 минути, наместо по два часа.

Бројката од 40% доаѓа од едно сценарио со 20 табови во Edge, 4K видео и големи документи во Office, отворени истовремено на лаптоп HP OmniBook 3. Самиот Microsoft наведува дека резултатот важи само за тоа сценарио и не е општ тест на перформансите. Тестот е направен на верзијата 25H2, а не на 26H2.

За да ги добијат подобрувањата, корисниците треба да имаат Windows 11 верзија 26H2, „build“ 26300.9818 или понов. Тој засега стига со опционалната надградба од 28 октомври, истата со која стигнаа и новите „контекстуални“ менија, а Microsoft препорачува во Windows Update да се вклучи опцијата за добивање на најновите ажурирања штом ќе станат достапни.

Според Microsoft, времето на достапност на подобрувањата во самиот Windows може да се разликува според уредот и регионот, а дел од промените стигнуваат и преку ажурирањата на Edge, Microsoft 365 и Teams.

Сепак, објавата содржи и тест нарачан од Microsoft, според кој Dell XPS 13 од 2026 година е до 94% побрз во процесорски тест од моделот од 2021 година со иста меморија, а завршува со понуди за нови лаптопи со 8 GB во Walmart и Best Buy. Изгледа дека целта на објавата е и продажба на нови компјутери со истата количина меморија.

Microsoft најавува уште подобрувања во наредните месеци, без конкретни датуми. Меѓу другото, File Explorer, Notepad, Paint и новото пребарување се преработуваат за да се отвораат побрзо и да трошат помалку меморија.