Фото: Shutterstock.com

Apple ќе почне да ги проверува за штетна содржина фотографиите и датотеките од iCloud што корисниците ги споделуваат преку јавен линк. Промената стига со верзијата 27.3 на iOS, iPadOS, macOS и visionOS, а компанијата ја објасни во нова страница за поддршка објавена во вторникот, истиот ден кога стигнаа и првите бета верзии за програмерите.

Кога се споделува содржина од iCloud Photos или iCloud Drive преку „Share a Link“, може да се избере „People you choose“, односно само луѓето што корисникот ги поканил или одобрил или „Anyone with the link“. Втората опција ја прави содржината достапна за секој што го има линкот, „вклучително и Apple“, како што пишува компанијата, а проверката ќе важи само за неа.

Ако некој се обиде да прикачи штетна содржина, Apple го задржува правото да ја премести, одбие, измени, отстрани или избрише во секое време. Дополнително, компанијата може да ја блокира или исклучи Apple сметката, да оневозможи отворање нова сметка со истата имејл адреса или телефонски број, а „ако е потребно“ да ја вклучи и полицијата.

Сепак, Apple не објаснува што смета за штетна содржина, ниту како ќе се врши проверката. Не е познато ни дали ќе бидат проверени и линковите создадени пред ажурирањето. MacRumors претпоставува дека станува збор за малициозни датотеки или материјали за сексуална злоупотреба на деца, поради спомнувањето на полицијата, но Apple тоа не го пишува.

Вакви линкови и досега не беа шифрирани „од-крај-до-крај“. Според прегледот на безбедноста на iCloud, кај содржината споделена со „Anyone with the link“ клучевите за шифрирање се чуваат во центрите за податоци на Apple, дури и кога е вклучена Advanced Data Protection. Тоа значи дека пристапот не е нов, ново е тоа што Apple сега вели дека ќе ја проверува таа содржина.

Компанијата во 2021 година најави скенирање на сликите на уредите пред да се прикачат на iCloud, но по критиките го одложи, а во декември 2022 се откажа од тој план. Сегашната промена изгледа многу потесна, бидејќи се однесува само на содржината што корисникот сам ја направил јавна, а не на целата библиотека.

Не е познато кога iOS 27.3 и другите ажурирања ќе стигнат за сите корисници.