Samsung наводно подготвува промена во својата стратегија за наредната серија паметни телефони, со можно проширување на линијата на четири различни уреди. Според информациите, на веќе стандардните модели ќе им се придружи и нов уред со ознаката Pro.
Овој потег би значел промена во досегашната постава, нудејќи им на корисниците уште една опција во високиот сегмент која ќе се наоѓа помеѓу Plus и Ultra верзиите.
Доколку оваа промена навистина се реализира, тогаш Samsung ќе отиде повеќе во правец на Apple и нивниот стил на позиционирање на телефоните од највисоката класа.
Новиот Galaxy S27 Pro се очекува да дојде со OLED екран со дијагонала од 6,47 инчи. Концептот зад овој телефон е да ги донесе перформансите карактеристични за најнапредниот модел во помала големина, а би бил наменет за купувачите кои претпочитаат уреди што се полесни за секојдневно користење со една рака, наместо уреди со многу големи екрани.
Во однос на функционалноста, се најавува дека Pro моделот ќе споделува голем дел од клучните спецификации со најскапиот Ultra модел, но со неколку суштински разлики. Главната промена ќе биде отсуството на дигиталното пенкало, кое и понатаму ќе остане ексклузивна карактеристика само за Ultra варијантата.
Засега, другите технички спецификации за овој уред остануваат непознати.
Samsung изминатите години во главно претставува три модели од Galaxy S серијата, со исклучок на минатата година кога се обиде со тенкиот Galaxy S25 Edge.
Овој тенок модел не успеа баш да привлече многу корисниците, слично како iPhone Air, а тоа беше очекувано со оглед на големината на батеријата и другите компромиси кои беа направени за да се добие доста тенок уред.
Со додавањето на „Pro“ модел, корисниците кои не го купуваа Ultra моделот досега во главно поради неговата големина, ќе имаат доста подобар избор.







































