Фото: BoliviaInteligente на Unsplash

Samsung наводно изразува висока доверба дека нејзиниот следен водечки чип, Exynos 2700, ќе ги надмине претстојните процесори од серијата Snapdragon 8 Elite Gen 6, во поглед на брзината и енергетската ефикасност. 

Според информациите, овој процесор најверојатно ќе биде вграден во Galaxy S27 и Galaxy S27+ серијата на повеќето пазари ширум светот. Иако Exynos чиповите бележат напредок во последните неколку години, тие досега не успеваа да ги надминат Snapdragon моделите, особено кога станува збор за ефикасноста.

Иако скоро секоја година читаме некоја ваква најава, можно е наредната генерација од Exynos конечно да го означи враќањето на чиповите од Samsung како сериозна конкуренција посакувана од корисниците. 

Според спецификациите забележани во базата на податоци на платформата Geekbench, Exynos 2700 ќе се произведува со втората генерација на 2-нанометарскиот процес на компанијата (SF2P). Чипот се очекува да располага со 10-јадрен процесор кој вклучува едно јадро на 4.24 GHz, четири јадра на 3.74 GHz, едно јадро на 3.36 GHz и четири јадра на 2.88 GHz, како и поддршка за најмалку 12 GB меморија. 

Во однос на перформансите, компанијата проценува дека Exynos 2700 ќе биде за 19% побрз од стандардниот Snapdragon 8 Elite Gen 6 и за 9,5% побрз од врвната Extreme верзија во тестирањата на повеќе јадра на Geekbench 6.5.

Во делот на графиката, новиот Xclipse 970 графички процесор нуди за 5% подобри максимални перформанси од Snapdragon 8 Elite Extreme Gen 6. Дополнително, при ограничување на потрошувачката на енергија од 2.5W, овој графички чип е за 24% побрз од основниот и за 22% побрз од Extreme моделот на Snapdragon. 

Подобрувања се забележани и кај процеситањето за вештачка интелигенција, каде Exynos 2700 е за 18% побрз во Llama 3.1 8B тестирањата, додека препознавањето и процесирањето команди е за 5% побрзо во однос на конкурентскиот чип.

Доколку крајните производи ги потврдат овие првични податоци, тоа не само што ќе ја докаже способноста на компанијата да се натпреварува со најдобрите дизајнери на мобилни чипови, туку и ќе го прикаже нејзиниот капацитет за производство на напредни процесори, што потенцијално може да привлече нови клиенти во нивниот производствен сектор.