Фото: Mozilla

Mozilla го објави Firefox 161, а меѓу новостите се две функции поврзани со приватноста, кои ги најави уште во октомври. Тоа се копчето „🔥“ за брзо бришење на податоците од прелистувањето и правила со кои се избира кои страници автоматски се отвораат преку вградениот VPN, а кои без него.

Копчето 🔥 досега постоеше во приватниот прозорец, каде служи за брзо ресетирање на приватното прелистување. Сега постепено стига и во лентата со алатки на обичниот прозорец на компјутерите, кој Mozilla го нарекува „Classic Window“, па нема веднаш да се појави кај сите.

Со него може да се избрише историјата на прелистување и преземања, колачињата и податоците од страниците, привремените датотеки, зачуваните податоци од формуларите и дозволите и поставките за страниците. Ако се избере бришење на сè, корисникот се одјавува од страниците, прозорецот се затвора и Firefox отвора нов, а според белешките за верзијата закачените „табови“ остануваат. Кога се бришат само избрани податоци, прозорецот останува отворен.

Mozilla копчето го претставува како решение за заеднички компјутер, за да не се открие подарокот што некој го барал на интернет, на пример. Firefox и досега имаше бришење на неодамнешната историја во менито и поставките, но сега тоа е на дофат на рака.

Кај бесплатниот вграден VPN на компјутерите, пак, сега може да се постави правило за одредена страница, која потоа при секоја посета се отвора со VPN секогаш вклучен или секогаш исклучен. Правилата се додаваат преку панелот на VPN во лентата со алатки или во поставките за приватност и безбедност. Mozilla како пример го наведува споредувањето на цените по региони, додека банките и сервисите за стриминг можеби подобро работат без VPN.

Компанијата претходно привремено го укина месечното ограничување од 50 GB, па неограничениот сообраќај важи до 31 јануари 2027 година. VPN бара Mozilla сметка, а Македонија, заедно со речиси сите земји од регионот, е на листата на земји каде што е достапен.

Сепак, Mozilla предупредува дека поради постепеното воведување VPN можеби уште не се појавил кај сите, дури и во земјите од листата.

Firefox 161 донесува и дел со класични теми, меѓу кои е темата Proton од постарите верзии и OLED тема, како и автоматско пополнување на безбедносниот код на картичките, кое исто така стига постепено.