Samsung ги претстави Galaxy Buds On, безжични слушалки што се закачуваат на увото со штипка, наместо да се ставаат во ушниот канал. Компанијата ги нарекува свои први слушалки со отворен дизајн („open-ear“), а во продажба прво стигнаа во Јужна Кореја на 27 октомври.
Според Samsung, обликот е развиен врз основа на повеќе од 119 милиони податоци за ушите, а лентата е од легура што го „памети“ обликот и се прилагодува на увото. Секоја слушалка тежи 6,65 грама и има заштита IP54, но таа важи само за слушалките, а не и за кутијата за полнење.
Отворениот дизајн значи дека дел од звукот излегува надвор, па Samsung ја додава технологијата Audio Leakage Reduction, која испушта обратни звучни бранови од задната страна на звучникот. Сепак, самата компанија во фуснота признава дека звукот може да се слушне, особено во тивка просторија.
Слушалките работат со Snapdragon S7 Gen 1 Sound Platform, имаат звучник TwinBoost од 11,3 мм и Bluetooth 6.2. Samsung наведува до 9,5 часа музика со едно полнење, односно до 38 часа со кутијата, според интерни тестови со предсериски примерок поврзан со Galaxy телефон во основните поставки.

За разговорите има три микрофони и сензор што го препознава говорот според вибрациите. Повиците може да се прифатат со кимнување и да се одбијат со одмавнување на главата, но функцијата е исклучена во основните поставки и бара One UI 8.5 или понов. Исклучувањето аларми и читањето известувања со движење на главата бара One UI 9 и е ограничено на одредени апликации.
Дополнително, со Galaxy AI телефон Buds On нудат пристап до Gemini Live со гласовна команда, но само со интернет и во одредени земји и јазици. Quick Voice Memo исто така бара Galaxy AI уред, како и апликациите Samsung Voice Recorder и Bixby. Слушалките работат со телефони со Android 12 или понов и повеќе од 1,5GB меморија, но дел од функциите не се достапни на уреди што не се од Samsung.
Тоа значи дека најмногу ќе добијат сопствениците на Galaxy телефони. Samsung ги претставува како дополнување на Galaxy Buds4 Pro: Pro моделот за поништување на бучавата, а Buds On за ситуации како трчањето.
Во САД слушалките ќе се продаваат од почетокот на ноември, само во црна боја, по цена од 229 долари.
Samsung не соопшти дали Galaxy Buds On ќе стигнат во Европа. Огласите кај европски продавачи, кои ги забележа SammyGuru, укажуваат на првата половина на декември, но тоа не е потврдено од компанијата, а не е познато ниту дали слушалките ќе се продаваат кај нас.






































