Фото: Shutterstock.com

Discord работи на нова верзија на својата апликација, повторно напишана од почеток во програмскиот јазик Rust. Компанијата денеска на X го сподели видеото на својот технички директор Станислав Вишневски, во кое тековната и новата верзија се отвораат една до друга на два лаптопи.

Во видеото новата верзија се отвора видно побрзо од старата. „Помалата потрошувачка на „RAM“ меморија е само дел од приказната. Кликањето низ апликацијата делува моментално, не можам да се вратам назад“, напиша Вишневски. Сепак, станува збор за видео од самата компанија, а не за независен тест.

Ден претходно тој објави слика од „Task Manager“ на Windows 11, во која раната верзија, која таму се појавува како Discord Phoenix, троши околу 290 MB меморија. Не е јасно под какво оптоварување е направена сликата. Според Inven Global, Вишневски подоцна одговорил дека на неа работеле две сметки истовремено, а Discord не објави бројка за тековната апликација во исти услови.

Според Вишневски, Discord користи Rust уште од 2018 година, а голем дел од инфраструктурата, технологијата за глас, па дури и дел од сегашната апликација, веќе се напишани во овој јазик. Целта била целата апликација да се префрли на Rust.

Тоа значи дека заминува Electron, на кој сега работи десктоп апликацијата, а со него и React Native на мобилните уреди. Мобилните апликации ќе задржат интерфејс изграден со алатките на iOS и Android, но ќе го делат кодот со десктоп верзијата. Вакво нешто е една од најголемите промени во Discord откако годинава ги префрли аудио и видео повиците на шифрирање од крај до крај.

Новата десктоп апликација не користи Tauri, како што претпоставуваа дел од корисниците, туку GPUI, рамка за кориснички интерфејс од креаторите на уредувачот на код Zed, која го користи графичкиот процесор за исцртување.

Не е познато кога новата верзија ќе стигне до корисниците. Вишневски напиша само дека се надеваат „наскоро“ да ја пуштат на тестирање кај корисниците, а Discord засега нема официјална објава на својот блог.

Оваа промена веројатно ќе ги израдува корисниците на послаби компјутери, кои со години се жалат на тоа колку меморија трошат апликациите базирани на Electron.