Instagram ја пушти првата верзија на Edits за компјутерите, една година и половина откако апликацијата за уредување видеа стигна на телефоните како нивниот одговор на CapCut. Истата е бесплатна, но е достапна само за macOS и бара Mac со Apple чип, од M1 нагоре, а Instagram не најавува верзија за Windows.
Според Instagram, поголемите проекти со дванаесетина „клипови“ стануваат тешки за уредување на телефон, каде палецот го покрива делот од временската линија што треба да се види. Поради ова, Edits на компјутер добива временска линија со повеќе траки, „keyframes“ за транзиции, приказ на звучните бранови за сечење точно на ритамот и алатки за бои, како колор тркала, криви и конверзија на „log“ снимки.
Дополнително, може да се внесуваат сопствени „LUT“ профили и фонтови, а кратенките на тастатурата може да се прилагодат така што ќе одговараат на друга апликација за уредување што ја користите. Видеата се зачувуваат во 4K без воден жиг, а покрај вертикалниот формат сега е поддржан и хоризонталниот. Тука се и библиотеките на Instagram со лиценцирана и бесплатна музика, стотици звучни и видео ефекти и автоматски титлови на повеќе јазици, без ограничување.
Готовото видео може да се објави директно на Instagram, со означување луѓе, локација и пробни Reels („trial reels“), без претходно преземање и повторно прикачување. Апликацијата бара најава со Instagram профил, а може да се поврзе и со „AI“ агенти преку „MCP“.
Зачуваните звуци и стилови на текст од телефонот веднаш се достапни и на компјутер, но уредувањето на ист проект на телефон и на компјутер засега не е можно. Instagram вели дека работи на тоа и дека апликацијата ќе добива нови верзии секоја недела.
Edits за Mac се презема од официјалната страница, а не преку Mac App Store. Instagram не наведува ограничувања по земји, а мобилната Edits е достапна и во македонскиот App Store.
Instagram вели дека Edits во изминатиот период ја користеле 50 милиони луѓе. CapCut веќе со години има верзија за компјутер, па Meta тука доцни, но бесплатното зачувување во 4K без воден жиг е јасна порака до креаторите кои за ова плаќаат во други апликации.






































