Фото: Shutterstock.com

The New York Times во понеделникот поднесе тужба против Brave Software, компанијата што стои зад прелистувачот Brave и пребарувачот Brave Search, во федералниот суд во Менхетен. Според тужбата, Brave ги копира нивните текстови без дозвола, ги нуди на други компании за вештачка интелигенција и им овозможува на корисниците да го заобиколат „paywall“ на весникот, односно да ја прочитаат статијата, иако истата не е достапна без претплата.

Весникот тврди дека Brave својот индекс од над 30 милијарди веб страници го собрал со „crawler“ чие име никогаш не го открил, па издавачите немаат начин да го блокираат. Преку Brave Search „API“ компаниите плаќаат за пристап до овој индекс, а во тужбата како корисници се наведени Anthropic, Perplexity, Mistral, xAI и Cohere. За Anthropic весникот се повикува на објава на Brave од 2023 година во која пишува дека Anthropic го користел нивниот „API“ за тренирање на Claude 2 за одговори засновани на пребарување на интернет. Овие компании не се тужени.

Како пример е наведено барање до Ask Brave за целиот текст на статија на The New York Times за Доналд Трамп. Алатката одговорила дека статијата е зад „paywall“ и дека ќе го прикаже само јавно достапниот дел, а потоа, според весникот, прикажала околу 87% од статијата, во голем дел збор по збор.

Тужбата го спомнува и филтерот „Paywall blocker“ во поставките на прелистувачот, кој Brave го опишува како начин да се „заобиколат“ претплатите. Според весникот, вработените во Brave барањето за регистрација или претплата го нарекуваат „paywall nag“, а како доказ е приложена објава на X од 2023 година во која инженер за филтри во Brave објаснува како со блокаторот на реклами да се тргне прозорецот за регистрација на The New York Times. Дополнително, весникот тврди дека Brave ги блокира нивните реклами и прикажува свои.

The New York Times вели дека во август 2025 и во април 2026 година му испратиле писма на директорот Брендан Ајк, но не добиле одговор. Весникот бара обесштетување и трајна забрана за спорните практики.

Истиот ден одделна тужба против Brave поднесоа Daily News, Chicago Tribune и Orlando Sentinel. Според нивната тужба, Ask Brave прикажал над 1.200 зборови од една статија на Chicago Tribune.

Brave не одговори веднаш на барањата за коментар од американските медиуми. Од Perplexity за The Verge изјавија дека весникот „преплатува за адвокатите, а потплатува за новинарите“, кои според нив лесно би ја препознале „дезинформацијата“ во тужбата.

Вакво нешто не е ново за Brave, кои уште од март 2025 година се во судски спор со News Corp, откако побараа судот да потврди дека индексирањето на веб содржини е законско, а во јули News Corp поднесе противтужба. The New York Times пак веќе води слични тужби против OpenAI и Microsoft, како и против Perplexity.