Фото: X

Социјалната мрежа X почна со пуштање на нова функција наречена „прилагодени листи со новости“, која им овозможува на корисниците да изберат конкретни теми директно на нивниот почетен екран. 

Директорот за производи во компанијата, Никита Биер, потврди дека корисниците сега имаат на располагање над 75 различни теми од кои можат да изберат, што им овозможува подетален фокус на нивните специфични интереси, без целосно потпирање на досегашниот општ алгоритамски приказ.

Функционирањето на овој систем е поддржан од Grok, јазичниот модел развиен од компанијата. Зад сцената, вештачката интелигенција ги анализира голем дел од објавите на платформата и ги класифицира според контекстот, по што ги комбинира тие податоци со постоечкиот систем за персонализација. 

Резултатот е генерирање на прецизни листи со новости кои им нудат на корисниците алтернатива на стандардниот дел наменет за општа содржина, давајќи им поголема контрола врз информациите што ги консумираат.

Оваа промена е значајна бидејќи укажува на поместување во начинот на кој X ја дистрибуира содржината, насочувајќи се кон микро заедници и потесно профилирани теми, наместо задржување на еден унифициран тек на информации. 

Според најавите, развојот на функцијата траел неколку месеци и истата е дизајнирана да функционира најдобро за темите со кои корисниците веќе имаат одредена интеракција. 

Со оваа надградба, платформата се обидува да ја подобри релевантноста на содржината за секој поединец, истовремено намалувајќи го влијанието на масовните или ирелевантни вирални трендови врз секојдневното корисничко искуство.

Први кои ќе можат да ја користат оваа нова функција на X се претплатниците на Premium претплатата на iOS верзијата од апликацијата, а наскоро се најавува достапност и на Android.