Фото: Kwi / KDE

Ајке Хајн, кој учествува во развојот на KDE од 2005 година и е член на управниот одбор на KDE e.V., го претстави Kwi, нов терминал наменет за KDE Plasma и другите слободни десктоп околини. Името доаѓа од корејскиот збор за дух, па и иконата е мал дух во терминал.

Главната разлика е во технологијата. Konsole, стандардниот терминал во KDE, е изграден врз QWidget, постариот начин за изработка на интерфејси во Qt и прикажува текст со процесорот. Kwi, како и поновите KDE апликации, користи Qt Quick и графичката картичка преку Vulkan или OpenGL. Според Хајн, тоа го прави од 3 до 35 пати побрз од Konsole, зависно од тестот, а на неговиот тест систем анимацијата DOOM-fire-zig работела со 870 кадри во секунда наспроти 23 во Konsole. Дополнително, би требало да троши и помалку батерија.

Делот што ги обработува командите и излезот од програмите го презема libghostty-vt, библиотеката од терминалот Ghostty, која почнуваат да ја воведуваат и проекти како Neovim. Хајн наведува и подобра поддршка за читачи на екран, „ligatures“, слики во терминалот и автоматско следење на системските бои.

Kwi може да се вгради и во други апликации. Konsole нуди таква компонента само за апликациите изградени со QWidget, како Dolphin, Kate и Yakuake, а Kwi нуди замена за нив, но и компонента за новите апликации изградени со Qt Quick и Kirigami. Хајн инаку долго ја одржувал верзијата на Yakuake за KDE 4, па проблемите на Konsole ги познава одблиску.

Сепак, Хајн јасно кажува дека Kwi не е најава за идната насока на KDE, туку „експеримент и предлог“, односно опција што корисниците може сами да ја изберат. Нема ниту ознака за верзија 0.1.0, досега го тестирал мал круг пријатели, а корисниците треба да очекуваат очигледни грешки.

Изградбата од изворниот код засега е тешка, бидејќи бара многу свежи „зависности“, меѓу нив и нови верзии на Qt и KDE Frameworks, а според Хајн тие веројатно сѐ уште не стигнале во дистрибуциите. Поради ова, кодот на KDE Invent нуди и „nightly“ Flatpak верзии за оние што сакаат да го пробаат.