Фото: Apple

Apple вчера објави дека Siri AI се отвора за сите програмери. Со првите бета верзии на iOS 27.3, iPadOS 27.3, macOS 27.3 и visionOS 27.3, стигна и можноста преку кој секоја апликација може да ги поврзе своите содржини и функции со новата верзија на Siri, која стигна во септември.

Siri AI и досега работеше со апликации од други компании, па корисниците можеа да пратат порака преку WhatsApp или да пуштат книга на Audible. Сега апликациите преку „App Intents“ ќе можат да ги користат и новите можности на Siri AI, како разбирањето на личниот контекст, препознавањето на содржината на екранот и барањата напишани или изговорени со свои зборови. Според Apple, така Siri AI ќе може да изврши која било функција што програмерот ќе ја направи, од проверка на пратка до резервација или нарачка.

Дополнително, програмерите добиваат и таканаречени „skills“, со кои можат да ја научат Siri AI да спои повеќе дејства во едно, за посложени барања. Siri AI сега може да прикаже и содржини од апликациите што се во семантичкиот индекс на „Spotlight“, а не само оние што одговараат на однапред дефинираните категории.

Apple почна постепено да ги додава овие можности и во своите апликации, меѓу кои Calendar, Files, Finder, Mail, Maps, Messages, Notes, Photos, Safari и Shortcuts. Компанијата како примери наведува пронаоѓање кафуле што корисникот го посетил минатата недела или архивирање датотеки што не се отворени повеќе од година.

Сепак, ова засега е само рана верзија за програмерите. Според Apple, корисниците ќе ја добијат за неколку месеци, а апликациите со новите функции ќе може да се праќаат во App Store дури на пролет. Компанијата додава дека подоцна ќе ги објави и условите и правилата за користење на функциите што работат преку Siri AI, па не е познато какви ограничувања ќе имаат програмерите.

Siri AI инаку и самата сè уште е означена како бета верзија, бара уред со Apple Intelligence и засега е достапна на англиски, француски, јапонски, корејски, португалски и шпански, а наскоро ќе добие и традиционален кинески, норвешки, турски и виетнамски.

Македонскиот го нема на листата, а Siri AI на iOS, iPadOS и watchOS сè уште не е достапна во ЕУ. Apple во фуснотите повторува и дека дел од функциите што работат на нејзините сервери, вклучително и Siri AI, имаат дневни ограничувања, а дека поголем пристап ќе се наплаќа во иднина.