Google ја прекина Linux верзијата на Picasa уште во 2012 година, а и таа всушност беше Windows програмата што работеше преку „Wine“. Четири години подоцна компанијата се откажа од Picasa и сè насочи кон развојот на Google Photos. Сега Licasa, нова апликација со отворен код, се обидува да го врати тоа искуство на Linux.
Авторот вели дека апликацијата е инспирирана од прегледувачот на слики Picasa Photo Viewer. Сликата се отвора директно од менаџерот на датотеки, на цел екран во прозорец со големина на самата слика или во прозорец што лебди над работната површина, кој може да се поместува и да се менува по големина. Може да се отворат и повеќе такви прозорци истовремено.
Licasa ги отвора JPEG, PNG, TIFF, WebP, HEIC, AVIF, JPEG XL, JPEG 2000 и прегледите на RAW сликите, а ги пушта и Motion Photos и анимираните APNG датотеки. Има и уредувач за светлина, бои и детали, сечење и извоз на сликите.
Сепак, според описот станува збор за прегледувач и уредувач, а не за програма за организирање цела библиотека со албуми, што беше една од главните функции на Picasa. Авторот нагласува дека проектот е независен и дека нема никаква врска со Google.
Апликацијата ја развива Sanxchep Sharma од Ерланген, Германија, кој засега е единствениот автор на кодот, а лиценцата е BSD 2-Clause. Првите верзии излегоа кон крајот на септември, а денеска излезе верзијата 0.8.1, која авторот ја означува како „preview“. Во Snap продавницата стабилна е верзијата 0.8.0.
Достапни се пакети за Ubuntu 24.04 и Debian 13, при што вториот постои дури од новата „preview“ верзија, како и AppImage и Snap верзија. Пакетите за Fedora 44 и Arch Linux всушност ја содржат AppImage верзијата. Сите се само за 64-битни Intel и AMD процесори, без поддршка за ARM, а според белешките за верзијата 0.8.0 работата со AMD графички и директно на Fedora и Arch компјутери сè уште не е тестирана.
Тоа значи дека Licasa засега е повеќе интересен проект за љубителите на Picasa отколку завршена апликација, па не изненадуваат ни грешките со инсталирањето и отворањето слики на Debian, кои според авторот ги поправа новата верзија. Пријавата сепак сè уште е отворена, а корисникот што ја поднел пишува дека некои работи и понатаму не функционираат.
Не е познато дали авторот планира и организирање на библиотеката со слики, како што имаше Picasa.




































