Microsoft на блогот на Outlook ги објасни промените што ги имаат направено кај пребарувањето во последните неколку месеци. Промените се во подредувањето на резултатите, пребарувањето при лоша врска и собирањето мислења од корисниците.
Најзабележливата промена е што Outlook сега на врвот прикажува до седум резултати подредени по релевантност, наместо досегашните три, а останатите следат по датум. При подредувањето се гледа колку е нова пораката, кој е испраќачот и дали корисникот претходно имал интеракција со неа.
Ова е достапно во класичниот Outlook за Windows со претплата на „Current Channel“ и „Monthly Enterprise Channel“, Outlook на веб, новиот Outlook и мобилните апликации и за деловните и за приватните корисници, а на Mac пристигнува во ноември. Тоа значи дека корисниците на другите канали на класичниот Outlook засега го немаат.
Класичниот Outlook досега комбинираше пребарување во „облакот“ со локалниот индекс на Windows Desktop Search, а дел од пребарувањата, како Find Related, дел од напредната синтакса и пребарувањата на одредени јазици, остануваа локални. Сега пребарувањата што го исполнуваат условот одат во „облакот“, а кога врската или серверот не одговорат навреме, Outlook автоматски се враќа на локалниот индекс. Локалното пребарување и понатаму е потребно без интернет и за содржина што ја нема во „облакот“, како PST датотеките и POP или IMAP сметките.
Автоматското враќање засега го има само класичниот Outlook на „Current Channel“ со претплата, како и мобилните апликации и Outlook за Mac. За новиот Outlook е во развој.
Според мерењата на Microsoft, две промени донеле значително подобрување кај најбавните 5% од пребарувањата во класичниот Outlook. Кај пребарувањата преместени во „облакот“, нивното време паднало од 4,5 на 1,3 секунди, а подобрувањето на автентикацијата при пребарувањето го скратило за 40% кај деловните сметки.
Outlook на веб и новиот Outlook во ноември добиваат и нов приказ на пребарувањето во календарот, кој ги покажува пронајдените настани директно во календарот, заедно со она што е пред и по нив. Стариот приказ со листа се враќа со еден клик.
Дополнително, Microsoft развива мал јазичен модел наменет само за подредување на резултатите во Outlook, кој се тренира со „дестилација“, односно поголем модел го учи помалиот. Според компанијата, првите резултати од тестовите на пробни податоци се ветувачки, иако самите признаваат дека таквите тестови не можат да ги опфатат сите сандачиња и намери. Моделот засега се тестира интерно и не е познато кога ќе стигне до корисниците.
Веќе е пуштено и подобро справување со зборови како „the“, „and“ и „is“, што според Microsoft влијае на околу 3% од пребарувањата и донело повеќе отворени резултати. Примерите се англиски зборови, па не е познато дали ова помага и кај пребарувањата на македонски.
На страницата со резултати сега има и копче со палец горе или долу, кое во класичниот Outlook засега е само за Exchange Online и Outlook.com сметки на „Current Channel“, а во ноември и декември ќе стигне до повеќе делови од пребарувањето. Microsoft признава дека отворена порака може да изгледа како успешно пребарување, а корисникот сепак да не го најде она што го барал.



































