Фото: Mozilla

Mozilla официјално објави дека работи на сеопфатно освежување на дизајнот на Firefox, што интерно го нарекуваат „Project Nova”. Дека нешто се подготвува под ова име пишувавме уште во март, кога првите слики од редизајнот стигнаа благодарение на откриениот проект на Mozilla, а сега самата компанија ги потврди деталите. 

Целта со Project Nova е прелистувачот да изгледа почист, потопол и побрз, а во исто време да остане препознатлив.

Самото име е симболично, a „Nova“ асоцира на нова ѕвезда, но всушност настанува од постоечка материја, што значи обнова, а не замена. Промените се најзабележливи на десктоп, но ја опфаќаат и мобилната верзија, со заеднички бои, икони и текстуален стил кои го прават Firefox поконзистентен на сите уреди.

„Табовите“ добиваат помека форма со суптилен „градиент“ што му дава поголема присутност на активниот таб, а компонентите се позаоблени и поусогласени меѓу себе. 

Mozilla посебно ја истакнува приватноста, која сега е поставена во преден план. Новиот дизајн ги прави полесно достапни алатките како вградениот бесплатен VPN и приватното прелистување, а поставките се редизајнирани така што изборите за податоците да бидат појасни.

Фото: Mozilla

Дополнително, остануваат контролите со кои корисниците целосно можат да ги исклучат функциите со вештачка интелигенција. 

Кога станува збор за брзината, компанијата тврди дека блокирањето на „тракери“ всушност ги забрзува страниците, а во последната година времето на вчитување на клучната содржина е подобрено за 9%.

Освежениот дизајн полесно ги прави достапни и функциите како групи на табови, поделен приказ и вертикални табови. Поради честите барања од корисниците, Mozilla го враќа и „компактниот режим” за оние што сакаат контролите да им бидат што е можно „позбиени“. 

Палетата бои е инспирирана од чувството на оган, темни, чадливи виолетови тонови и посветли нијанси што додаваат топлина.

Новиот дизајн сè уште се обликува, а Mozilla нагласува дека и натаму се потпира на својата заедница за повратни информации. Се очекува да биде претставен подоцна оваа година.