Фото: DepositPhotos

Google јавно ја поддржа Mozilla во критиките кон условите што Apple ги поставува за прелистувачите на iPhone. Chrome for Developers, профилот на Google за програмерите што работат со Chrome, вчера на X напиша „We agree with @mozilla“, односно дека се согласуваат со Mozilla и споделија линк до нејзината објава за iOS.

Според Google, скоро три години откако ЕУ побара од Apple да дозволи други веб технологии на iOS, ниту еден таков прелистувач не е пуштен поради ограничувањата што Apple сè уште ги задржува. Барањето прелистувачите да прават посебни апликации и корисниците да ги придобиваат одново е, според нив, избор „на хартија, а не во пракса“.

Таа објава е од 20 ноември, а во неа Mozilla објасни дека за да го користи Gecko не може да го надгради постојниот Firefox, туку мора да направи втора апликација, а корисниците сами да ги префрлат омилените страници, лозинките и историјата. Во понеделникот Mozilla, Shopify, Vivaldi, Brave и уште десетици компании и организации побараа од Европската комисија формална постапка против Apple.

Google не е меѓу организациите што го потпишаа писмото, иако меѓу поединците потписници има и нивен вработен. И Chrome на iPhone засега работи со WebKit на Apple, а не со Blink, технологијата на која работи на другите платформи.

Apple своите услови ги брани со безбедноста на корисниците. Можноста за друга веб технологија засега постои само во ЕУ и во Јапонија, каде што според Mozilla Apple постави многу слични услови, па кај нас прелистувачите на iPhone и натаму ќе работат со WebKit.