Mozilla почна да го објавува новиот дизајн на Firefox за корисниците на компјутери и мобилни уреди, со верзијата 157 објавена на 29 септември. Компанијата ги најави плановите за редизајн во мај, под внатрешното име Project Nova, а од јули новиот изглед можеше да се проба во достапните тест верзии од прелистувачот.
Според Mozilla, целта била Firefox да изгледа „современо, но не генерички, топло, но сепак прецизно“. Табовите имаат помеки облици, палетата на бои е потопла, а освежени се иконите и темите низ целиот прелистувач, од лентите со алатки до страницата New Tab и приватното прелистување.
Во белешките за верзијата Mozilla ова го нарекува најголемо визуелно освежување на Firefox во последните години. Компанијата тврди и дека промените не влијаат на перформансите, но не објави мерења што би го потврдиле тоа.
Најкорисната новост е враќањето на компактниот режим („Compact Mode“), кој со Firefox 89 во 2021 година беше отстранет од панелот за прилагодување, па оттогаш можеше да се вклучи само преку напредните поставки „about:config“. Според Mozilla, него го барале многу корисници додека го пробувале новиот изглед. Режимот ги намалува табовите и лентата со алатки за да остане повеќе простор за страниците, што помага на помали екрани и кога две страници стојат една до друга, а има и опција за автоматско вклучување на помали екрани.
Дополнително, новиот избирач на теми нуди нови теми со светла и темна верзија и нови позадини. На страницата New Tab има посебен дел каде кратенките до најпосетуваните страници може да се закачат и подредат.
Оваа година инаку Mozilla додаде повеќе новости во Firefox, како приказот на две страници една до друга, вградениот VPN и контролите за AI функциите. Според компанијата, Firefox многу пораснал во изминатата година, а сега тоа конечно се гледа и во изгледот.
Mozilla на крајот се обраќа и до тие што го напуштиле Firefox, со порака „добредојдовте назад“. Тоа сугерира дека редизајнот е и обид да се вратат корисниците што во меѓувреме преминаа на други прелистувачи.
Промената сепак најмногу ќе се забележи на компјутерите. Уште во мај Mozilla објасни дека редизајнот е највидлив во верзијата за компјутери, а мобилните добиваат заеднички бои и икони. Белешките за Android и iOS верзијата 157 новиот изглед воопшто не го спомнуваат.





































