Фото: Google

Google во Chrome 157 официјално го пушти „HTML-in-Canvas“, нов „API“ што им дозволува на програмерите да ставаат обични веб елементи, како текст, формулари и копчиња, директно во графиката што ја црта прелистувачот. Тоа значи дека текстот во веб игра или 3D сцена може да се означи, копира, преведе и пребара, исто како на обична веб страница.

Сложените веб апликации и игри ја цртаат својата содржина во т.н. „canvas“, површина од пиксели за брза 2D и 3D графика преку графичкиот процесор. За прелистувачот, пак, тоа е само слика, па во неа не работат пребарувањето со Ctrl+F, преводот, автоматското пополнување ниту читачите на екран.

Програмерите досега, според Google, имаа два излеза. Текстот можеа да го цртаат како пиксели и сами да прават невидлива верзија за пристапност или да ставаат веб елементи над графиката, кои при движење на камерата во 3D може да заостануваат и да треперат. Дополнително, таквите елементи секогаш стојат над целата сцена, па не можат да бидат, на пример, зад 3D објект или да се гледаат во огледало.

Фото: Google

Според Google, со новиот пристап веб содржината станува дел од самата графика, а прелистувачот продолжува да ја третира како обичен текст. Ова работи и во 2D и во 3D графиката преку „WebGL“ и „WebGPU“. Работат и додатоците за прелистувачот и алатките за програмери, а пребарувачите и AI агентите можат да ја прочитаат содржината.

Google како примери ги наведува големите апликации што цртаат сè во „canvas“, игрите со читливи книги или терминали во 3D светот и креативните алатки што комбинираат типографија со графички ефекти. Популарните библиотеки за веб графика Three.js, Babylon.js, PlayCanvas и PixiJS веќе ја поддржуваат новата можност, иако кај Three.js поддршката засега е експериментална.

Пред официјалното пуштање, Google неколку месеци ја тестираше функцијата со програмерите и во тоа време ја менуваше според нивните забелешки. Chrome 157 стигна до корисниците на 3 ноември, а прелистувачот од септември добива нова верзија на секои две недели.

Засега станува збор за можност на Chrome. Според страницата на функцијата, Apple има позитивен став и почнале со рана работа за Safari, а Mozilla сè уште нема официјален став за Firefox. Таму стои и дека спецификацијата е сè уште во развој и се усогласува со забелешките од другите прелистувачи, па новиот „API“ може уште да се менува.

Google и самиот им препорачува на програмерите да подготват замена за прелистувачите без поддршка, па веројатно ќе помине време пред веб апликациите масовно да почнат да ја користат.