Фото: Amanz на Unsplash

Корисниците на апликацијата Samsung Health почнаа да добиваат известување за нова опција која бара нивна согласност за користење на личните здравствени податоци за тренирање на вештачка интелигенција. Овој потег предизвикува загриженост бидејќи компанијата ги поставува корисниците пред ултиматум кој директно влијае на нивната историја на користење на платформата и контролата над сопствените информации.

Доколку корисникот одлучи да ја исклучи оваа опција за согласност, апликацијата прикажува предупредувачка порака. Во неа експлицитно се наведува дека понатамошната синхронизација на здравствените податоци со корисничката сметка на Samsung ќе биде оневозможена. Дополнително, сите досегашни здравствени податоци ќе бидат целосно избришани, освен во случаите каде нивното задржување е законски задолжително. 

На овој начин, корисниците се практично принудени да изберат помеѓу заштитата на својата приватност и трајно губење на целата нивна здравствена историја.

Според официјалните информации од компанијата, податоците кои се собираат за тренинг на вештачката интелигенција опфаќаат широк спектар на високо чувствителни медицински информации. Ова вклучува податоци за мерења на телото, исхрана, број на чекори, дневна физичка активност и квалитет на сонот. 

Покрај основните фитнес параметри, опфатени се и податоци за лекови кои ги вклучуваат рецептите и дозирањето. Делот за здравствени досиеја опфаќа дијагнози, прогнози, резултати од медицински тестови и минати третмани. Се собираат и податоци за следење на менструалниот циклус, кои содржат информации за физичката состојба и физиолошки индикатори како што е срцевиот пулс.

Во условите за користење се наведува дека собраните податоци ќе бидат искористени за тренирање на модели на вештачка интелигенција, процес кој вклучува и директен човечки преглед на информациите. Целта на оваа обработка е да се подобри самата апликација, вклучувајќи ги алгоритмите за анализа на здравствената состојба и новите функции. 

Иако намерата е унапредување на услугата, крајната чувствителност на овие медицински податоци го прави овој потег значително контроверзен, оставајќи им на корисниците минимален простор за вистински избор при користењето на нивните уреди.

Засега нема официјална изјава од компанијата, па не е познато дали оваа промена е палнирана за сите корисници, односно дали се работи за грешка, па и дали ќе дојде до одредени промени.