Популарниот додаток за блокирање реклами, uBlock Origin, официјално објави дека престанува со поддршката за филтрирање на рекламите на Facebook. Оваа одлука доаѓа по повеќегодишна постојана борба помеѓу волонтерите кои ја одржуваат алатката со отворен код и инженерите на социјалната мрежа.
Според објавата на член од развојниот тим на Reddit, алатката повеќе нема да ги филтрира рекламите поради континуираното и агресивно заобиколување на нивните филтри од страна на платформата, со што Facebook практично излегува како победник во оваа битка на ниво на прелистувач.
Развојниот тим на uBlock Origin истакна дека инженерите на Facebook активно ги следат јавните „репозиториуми’ со отворен код, вклучувајќи го и нивниот GitHub и ги ажурираат своите методи на прикривање веднаш штом ќе се појави нов филтер.
Еден од програмерите на додатокот изрази огромно незадоволство, опишувајќи ја социјалната мрежа како платформа која работи против интересите на корисниците. Тој посочи дека е речиси невозможно волонтерите да се натпреваруваат со високо платените инженери чија единствена задача е да ги неутрализираат решенијата со отворен код за да осигураат успешна испорака на рекламите.
За крајните корисници, ова значи дека при користење на веб верзијата на Facebook, додатокот повеќе нема да може да понуди чисто искуство. Корисниците кои се потпираат на uBlock Origin ќе мора да се навикнат на присуството на спонзорираните објави во нивниот главен преглед, бидејќи одржувачите на филтрите нема повеќе да трошат ресурси на оваа нерамноправна технолошка трка.
За сите заинтересирани програмери кои би сакале да ги испратат своите филтри за блокирање на рекламите, од uBlock Origin се отворени за соработка.








































