Пред нешто повеќе од две години, најпознатата апликација за слушање на музика, Winamp, ја доби својата нова и модерна верзија, со што продолжи да постои и во ова модерно време. 

Оваа апликација беше главната во деведесеттите и почетокот на двеилјадитите за сите корисници кои активно слушаа музика, во време кога немаше „стриминг“ сервиси, па музиката во главно се слушаше од локални датотеки, односно популарните „mp3ки“. 

Подоцна, односно од 2003, па натаму, прво се појави iTunes сервисот од Apple кој може да се каже дека направи револуција во слушањето на музика во западните земји, по што подоцна почнаа да се појавуваат и „стриминг“ сервисите. 

Очекувано, Winamp планира да додаде сопствен „стриминг“ сервис, односно функција, во самата апликација, а за таа цел од компанијата склучија стратешко партнерство со познатиот сервис Deezer. 

Во основа, Winamp ќе ја користи „стриминг“ технологијата од Deezer, како и музичкиот каталог, но како функција ќе биде достапна вградена во самата апликација и под брендот на Winamp. 

Според најавите, корисниците ќе можат да почнат да ја користат новата функција од првата половина на идната година, а во месеците што следат од компанијата ќе објават повеќе детали. 

Што се однесува до сегашните функции, Winamp ќе продолжи да биде одличен избор за корисниците кои сѐ уште сакаат да ја слушаат својата музика локално. Тоа значи дека оваа можност останува, заедно со достапноста на радио станици, поткасти и слично.