Пред неколку дена пишувавме дека Microsoft воведува задолжителна TPM верификација за KMS серверите, а таа промена ја претставивме како можен удар врз популарните алатки за пиратерија на Windows 11. Сепак, подоцнежните анализи покажуваат дека работите не стојат баш така.
Порталот Windows Latest појаснува дека новата функција, наречена KMS Hardware-Secured, воопшто не проверува ништо на компјутерот на обичниот корисник. Таа бара TPM чип единствено на серверот преку кој организациите вршат масовна активација на своите мрежи, а не на секој поединечен уред.
Дополнително, методот „Online KMS“, кој дел од пиратските алатки го користат, не комуницира со вистински KMS сервер туку симулира лажен сервер на самиот компјутер, па TPM проверката едноставно нема што да провери. Поради ова, најраспространетите методи на пиратерија денес, како на пример HWID активацијата и TSforge, воопшто не поминуваат преку KMS и остануваат целосно незасегнати.
Јасно е дека Microsoft не се труди активно да ги гони пиратските инсталации кај домашните корисници. Судска постапка против поединци би чинела повеќе отколку што компанијата би заработила, а приходот денес доаѓа претежно од претплати како Microsoft 365, OneDrive и Copilot, а не од самата лиценца.
Треба да се земе во предвид и фактот дека доколку корисниците немаат можност да користат пиратска верзија од Windows, голем дел од нив сигурно би се префрлиле на Linux, а посебно сега кога оваа платформа станува се повеќе популарна за „гејминг“.
Windows 11 Home чини 139 долари, а Pro верзијата 199 долари, цена која за многумина останува тешко оправдана споредено со вредноста на самиот уред. Токму тоа е причината зошто алатки од типот на Massgrave опстојуваат со години и покрај повремените обиди на Microsoft да ги затвори најочигледните дупки.
Новото правило за KMS серверите првично ќе се појави како известување за подготвеност кај Windows Server 2025 во август 2026 година, додека задолжително ќе стане дури со наредното издание на Windows Server.









































