Фото: Riff

Spotify има официјална апликација за Linux, но самата компанија пишува дека ја прават нејзини инженери во слободно време и дека Linux засега не е платформа што активно ја поддржува. Вакво нешто остава простор за неофицијални алтернативи, а една од нив е Riff, бесплатна апликација со отворен код наменета за GNOME околината.

Riff е продолжение на Spot, клиентот што Александр Трендел го започна во 2020 година. Spot последната верзија ја доби во ноември 2024, а сега авторот пишува дека повеќе не го одржува кодот и ги упатува корисниците на Riff. Новиот проект го води програмерот Диего Аугусто, а лиценцата и понатаму е MIT.

Апликацијата е напишана во Rust со GTK4 и libadwaita, па изгледа како дел од GNOME. Нуди пуштање, мешање и повторување песни без паузи меѓу нив, пребарување, пристап до зачуваните албуми, листи и изведувачи, како и „equalizer“ со 10 опсези. Работи и со копчињата за музика на тастатурата, а распоредот се прилагодува на мали прозорци и на телефони со Linux.

Верзијата 26.10 излезе на 24 октомври и донесува нова листа за редослед со менување на редоследот со влечење, креирање и уредување листи со песни, кратенки на тастатурата и поддршка за албуми со повеќе дискови. Според програмерот, апликацијата сега користи помалку „CPU“ и меморија.

Сепак, Riff работи само со Spotify Premium, а бесплатните сметки не се поддржани. Дополнително, програмерот предупредува дека некои Premium сметки можеби нема да работат поради новата PlayPlay DRM заштита на Spotify, која е затворена и не може да се имплементира надвор од компанијата. Според еден од одржувачите, проблемот најчесто се јавува кај сосема нови сметки, иако е можно и постоечки сметки да бидат префрлени на новата заштита.

Апликацијата за пуштање музика користи librespot, неофицијална библиотека со отворен код, па зависи од промените кај Spotify. Тоа се виде во август, кога промена кај Spotify го прекина пуштањето музика. Привремено решение на GitHub имаше веќе следниот ден, а поправката на Flathub стигна четири дена подоцна. Не е познато каков став има Spotify за апликацијата.

Проектот, инаку, не прифаќа придонеси создадени со вештачка интелигенција и се повикува на правилата на Flathub и GNOME Circle.

Riff се инсталира преку Flathub, каде според статистиката е инсталиран близу 25.000 пати, а постои и пакет за Arch Linux што не го одржуваат авторите.