Kagi, компанијата позната по пребарувачот што наместо од реклами се финансира од претплатите на корисниците, ја објави јавната бета верзија на Kagi Mail, сервис за е-пошта и календар. Според Kagi, ако веќе сте го замениле пребарувањето на Google со нивното и Chrome со прелистувачот Orion, е-поштата веројатно е последниот голем дел од дигиталниот живот што ви останал кај Google.
„Дали на светот му треба уште еден сервис за е-пошта? Си го поставивме тоа прашање повеќе пати“, признаваат од компанијата, која вели дека ги цени Fastmail и Tuta, но сепак одлучила да направи свој сервис.
Корисниците добиваат адреса на @kagimail.com, неограничен број „алијаси“, односно дополнителни адреси и можност за сопствени домени. Има 50GB простор и вграден календар. Сервисот работи на серверот со отворен код Stalwart и на отворените стандарди „IMAP“, „JMAP“ и „CalDAV“, па поштата може да се чита и во Apple Mail, Thunderbird и други апликации.
Kagi Mail ги отстранува повеќето пиксели за следење и сликите ги вчитува преку свој сервер, а според Kagi, така испраќачите не можат да знаат кога и од каде е отворена пораката. Новите испраќачи чекаат одобрување пред да стигнат во сандачето. Според Kagi, нема реклами, профилирање, продавање ниту споделување на податоците.
Сепак, Kagi Mail нема „end-to-end“ шифрирање, како што нуди Proton Mail, а компанијата наведува дека засега не планира вакво нешто. Шифрирањето може да се вклучи само преку други апликации, како Thunderbird. Тоа значи дека за приватноста на пораките корисниците во голема мера мора да ѝ веруваат на Kagi.
Има и функции со вештачка интелигенција, како правила за сортирање напишани со обични реченици и прашања до сандачето, а според Kagi, сите може да се исклучат со едно копче, иако проверката на пораките од нови испраќачи и тогаш продолжува да работи. Компанијата наведува и дека пораките не се користат за тренирање модели.
Бидејќи станува збор за бета верзија, уште недостасуваат контакти и адресар, кои се очекуваат во првиот квартал од 2027 година, а апликациите за телефони дури во третиот квартал. Дотогаш на телефон се користи веб верзијата или друга апликација.
Kagi Mail може да се проба бесплатно 60 дена, а потоа чини 9 долари месечно или 99 долари годишно, плус данок. Вклучен е и во најскапиот пакет на Kagi, Ultimate, кој чини 25 долари месечно. Kagi не наведува ограничувања по земји.
Kagi Mail доаѓа во време кога и Thunderbird ја развива својата е-пошта Thundermail, која засега се отвора во бранови за корисниците од листата на чекање.
Компанијата ветува и дека нема да ги заклучи корисниците, па поштата и календарот може да се пренесат во секое време, а по откажувањето сандачето останува достапно шест месеци, од кои првите 60 дена може и да се праќаат пораки.


































