Microsoft ќе ја повлече апликацијата To Do, а управувањето со личните задачи кај корисниците со деловни и училишни сметки го пренесува во Planner. Компанијата тоа го соопшти во долгата објава за Planner од 18 ноември, а деталите ги објави на страница за поддршка.
Апликациите на To Do за веб, Windows, Mac, iOS и Android ќе бидат повлечени на 30 јуни 2027 година и за деловните и за личните сметки. Самиот сервис, „API“ и синхронизацијата ќе се исклучат подоцна, а тие датуми Microsoft ќе ги соопшти посебно.
Според компанијата, целта е личните и заедничките задачи да бидат на иста основа и да се поврзат со Copilot, Cowork и другите агенти.
Деловните корисници од декември ќе почнат да го добиваат редизајнираниот дел My tasks во Planner, со листа на задачи, ѕвездички и посебен преглед за доделените задачи. Сепак, постојните задачи и листи нема да се префрлат во новиот приватен план, а постојните задачи ќе се гледаат во Planner само до 30 јуни 2027 година. Членството и дозволите во споделените листи исто така не се пренесуваат.
Со личните сметки е полошо. Planner не е достапен за нив, вклучително и за претплатниците на Microsoft 365 Personal и Family, па Microsoft едноставно им советува да „изберат друга апликација за управување со задачи“.
Компанијата ветува начин за пренос на податоците пред повлекувањето, но засега нема упатства. Притоа предупредува дека преносот не значи дека задачите ќе може да се донесат во Planner или во друга апликација. Самото повлекување на апликациите, според Microsoft, не значи и бришење на податоците.
Planner нема ни апликации за Windows и Mac, туку работи преку веб и Teams, без еквивалентна работа без интернет. Дополнително, известувањата во Planner се врзани за рокот наместо за потсетник по задача, групите на листи немаат еквивалент, а прилозите засега не се поддржани во приватниот план.
To Do инаку ја направи тимот на Wunderlist, која Microsoft ја купи во 2015 година, според тогашните неофицијални информации за 100 до 200 милиони долари. Microsoft ја претстави To-Do во 2017 година, а Wunderlist ја затвори на 6 мај 2020 година, со можност листите да се префрлат во To Do.
Овојпат постојните задачи не се префрлаат никаде, а корисниците со лични сметки немаат ни замена од Microsoft.






































