Фото: Affinity

Една од најпознатите алтернативи на апликациите од Adobe, поточно на Photoshop, Illustrator и InDesign, сега станува уште посериозна конкуренција која може и да ја загрози доминацијата барем на овие три апликации. 

Се работи за познатите Affinity кои се очекуваше дека ќе претстават нешто ново и интересно по купувањето на компанијата од страна на исто така доста познатите Canva пред година и половина. 

Под брендот на Affinity беа достапни три апликации, односно Affinity Photo, Affinity Designer и Affinity Publisher. Photo е доста добра алтернатива на Photoshop и овозможува работа со измена на слики, Designer е алтернатива на Illustrator и овозможува работа со векторски формат, а на крајот Publisher е алтернатива на InDesign и овозможува дизајнирање на разни видови насловни страни, книги и слично. 

Овие три апликации се спојуваат во една унифицирана апликација која е едноставно наречена Affinity. Корисниците во самата апликација едноставно избираат со што сакаат да работат, по што им се менуваат потребните алатки и достапни менија. 

Достапни се „работни простори“ наречени Vector, Pixel и Layout, а корисниците имаат доста добра можност и самите да ги поставуваат и менуваат алатките кои им се достапни на лентите околу просторот. 

Тоа што е можеби уште поголема новина е што апликацијата ќе биде целосно бесплатна. Досега Affinity апликациите беа познати по доста пониската цена во споредба со Adobe апликациите, цена која се плаќаше еднократно за конкретната верзија. 

Иако дел од корисниците веднаш имаа критика за достапноста на новата Affinity бесплатно, сепак замислата на Canva е корисниците да се претплата на месечниот пакет кој овозможува алатки со вештачка интелигенција. 

На тој начин Affinity апликациите ќе донесуваат приходи, па се надеваме дека од компанијата нема да се обидат да заработат со пристап до податоците од корисниците, нешто што засега е истакнато дека нема да биде практика. 

Инаку Affinity може да се симне на Windows и macOS, а наскоро ќе биде пуштена и iPadOS верзијата, претходните апликации беа достапни и на оваа платформа. 

Во продолжение можете да го погледнете видеото од директорот на Affinity кој одлично ги објаснува сите новини поврзани со новата апликација.