Фото: Samsung

Можеби Google Chrome е главниот интернет прелистувач, без разлика која платформа е во прашање, но сепак Samsung Internet има доста добра бројка на корисници на Galaxy уредите. 

Сега овој познат прелистувач ќе може да се користи и на компјутерите, поточно на Windows 10 и Windows 11. 

Samsung Internet стана достапен во бета и за почеток само за корисниците во САД и Јужна Кореа. Со тек на време се најавува проширување на достапноста, а верувам дека кога ќе биде пуштена финалната верзија, ќе може да се користи во целиот свет. 

Како што би се очекувало, Samsung Internet со достапноста на две платформи на корисниците ќе им овозможи синхронизирање на податоците како омилените страни, историјата на сурфање и слично. 

Од Samsung истакнуваат дека и на десктоп верзијата корисниците ќе имаат пристап до Galaxy AI функциите, како што е можноста за сумирање на страните, на пример. 

„Додека го прошируваме Samsung Internet на компјутерите, возбудени сме што ги покануваме корисниците да ја обликуваат иднината на прелистувањето со нас“, истакна Вон-Џун Чои, главен оперативен директор на Mobile eXperience (MX) Business во Samsung Electronics. „Оваа бета програма отклучува поповрзано искуство преку мобилни телефони и компјутери, истовремено поставувајќи ја основата за поинтелигентни искуства на прелистување во иднина. Гледајќи напред, можностите на Samsung Internet ќе го редефинираат начинот на кој корисниците комуницираат со инернетот, еволуирајќи од прелистувач на компјутер кој чека влезни податоци до интегрирана платформа со вештачка интелигенција која ги разбира корисниците, а воедно ги заштитува личните податоци на секое ниво.“