Фото: DepositPhotos

Anthropic го претстави Claude Ship, збир од агенти за програмерските тимови на GitHub, кој треба да го скрати патот од „pull request“, односно барањето за спојување на промени, до нивното спојување со главниот код. Според компанијата, Claude Ship може да ги прегледа промените, да ги поправи и да одлучи кои се подготвени за спојување, според правила што ги поставува секој тим.

Claude Ship го сочинуваат три дела. Code Review, кој е општо достапен од октомври, ги прегледува промените и остава забелешки, а новите PR Steward и Claude Approvals засега се во бета верзија.

PR Steward реагира на неуспешни „CI“ проверки, конфликти при спојување и забелешки од прегледите, па сам праќа поправки и по секоја објаснува што сменил и како тоа може да се врати. Според Anthropic, тој е дизајниран да не одобрува и да не спојува промени.

Фото: Anthropic

Тоа е задача на Claude Approvals, кој применува правила што тимот ги пишува како датотека во самиот репозиториум. Ако правилата дозволуваат, Claude може сам да одобри рутински промени, а за други може да бара одобрување од човек. Компанијата препорачува прво да се користи во режим само за набљудување, а во документацијата предупредува дека со автоматско спојување и правила што не бараат човек, промената може да се спои без никој да ја погледне.

Програмерите можат да го пробаат и самостојно, преку новата команда „/ship“ во Claude Code, која ја праќа промената, отвора „pull request“ и работи на забелешките и неуспешните проверки. Командата постепено стига до Claude Code и до десктоп апликацијата.

Anthropic наведува и бројки од сопствениот тим: од јуни до септември бројот на споени промени во кодот на Claude Code е повеќе од двојно зголемен, а уделот на вратени промени е намален за над 40%. Тоа се сепак интерни бројки, а прегледот од Claude е само еден дел од нивниот процес.

Claude Ship е достапен само за Team и Enterprise претплатите и само за репозиториуми на GitHub, а не е достапен за организации со „Zero Data Retention“, HIPAA конфигурација или сопствени клучеви за шифрирање. Се наплаќа одделно од она што е вклучено во пакетот, според потрошените „токени“, па трошокот зависи од бројот и големината на промените, нивото на преглед и колку работа прави PR Steward. Администраторите можат да постават лимит за Code Review и PR Steward, а командата „/ship“ се брои како обична употреба на Claude Code.

Слична насока има и GitHub, чиј Copilot code review исто така може да одобрува промени, ако тоа е вклучено. Самиот Claude Code пак неодамна имаше проблем со безбедноста, кога над 1.100 датотеки со лозинки и клучеви од неговите поставки завршија јавно на GitHub.