Anthropic го претстави Claude for Google Workspace, додаток што Claude го носи директно во Google Docs, Sheets и Slides. Додатокот засега е во бета верзија и е достапен за сите платени пакети на Claude, а се надоврзува на постоечките додатоци за Word, Excel и PowerPoint, кои сега се водат под името Claude for Microsoft 365.
Claude се отвора во странична лента до датотеката, ја чита нејзината содржина и гледа кој текст, кои ќелии или слајдови се означени. Според Anthropic, во Docs може да поправи реченица или да преуреди наслов без да го допре околното форматирање, а поголемите измени ги предлага како картички што корисникот ги прифаќа или отфрла.
Во Sheets пишува формули, прави „pivot“ табели и графикони, а за спојување на табели или чистење на податоците може да ги префрли во Python и резултатите да ги врати во табелата. Во Slides прави нови слајдови според изгледот на постоечката презентација, па потоа може да означи елементи што се преклопуваат или излегуваат од слајдот.
Во основните поставки секоја измена бара одобрување, а постои и режим во кој Claude ги применува промените без прекин. Сепак, според страницата за помош, и тогаш застанува пред да додаде линк или слика од интернет и пред да одземе нечиј пристап до датотеката.
Додатокот има пристап само до датотеката во која е отворен и до конекторите што корисникот ги вклучил. Anthropic наведува дека оваа содржина не ја користи за тренирање на моделите.
Паралелно стигнуваат и нови конектори за Docs, Sheets и Slides, исто така во бета верзија, со кои Claude создава и изменува Google датотеки од разговорот. Пристапот е ист како дозволите за споделување што корисникот веќе ги има во Google, а на Team и Enterprise пакетите конекторите прво мора да ги вклучи сопственикот на организацијата.
Бета верзијата има и забележителни ограничувања. Додатокот засега работи само во Chrome, Edge и Safari, но не и во Firefox, а во Docs не ги чита коментарите и неговите измени влегуваат директно во текстот, а не како предлози. Графиконите што ги прави во Slides се вметнуваат како слики, па не се ажурираат кога ќе се сменат бројките.
Вакво нешто Google веќе нуди со сопствениот Gemini, кој од 2024 година е достапен во страничната лента на истите апликации. Изгледа дека Anthropic пред сè ги цели компаниите што веќе плаќаат за Claude, а работат во Google Workspace.
Claude официјално е достапен и кај нас, а Anthropic не наведува регионални ограничувања за додатокот.






































