Фото: DepositPhotos

OpenAI почна да го воведува GPT-6 во разговорите на ChatGPT, околу еден месец откако првите GPT-6 модели ги понуди за платените корисници. Според компанијата, новата верзија е наменета за повеќе од 1,2 милијарди луѓе што секоја недела го користат ChatGPT.

Главната новина е „Intelligent UI“. Според OpenAI, моделот е трениран сам да одлучи кога одговорот ќе содржи графикони, копчиња, формулари или интерактивни делови, а кога е доволен обичен текст.

Компанијата како примери го наведува распоредот за подготовка на неделниот ручек, прикажан покрај рецептот и патувањето со автомобил со станиците на мапа. Корисникот може и сам да побара алатка, како калкулатор за штедење или игра во самиот разговор.

Интерфејсот се гради од готови компоненти и се прикажува постепено, додека моделот го пишува одговорот. Сепак, компанијата признава дека моделот уште треба да ја подобрува својата проценка за дизајнот.

Втората промена е брзината. Досега кај моделите што размислуваат требаше да се чека крајот на размислувањето, а сега ChatGPT може да почне да одговара додека уште размислува и одговорот да го надополнува во повеќе делови.

Според OpenAI, кај прашањата што бараат пребарување на интернет, GPT-6 Instant почнува да одговара во просек 44% порано од GPT-5.6 Instant. Во интерен тест со секојдневни задачи за агенти, GPT-6 на нивото на размислување Extra High, според компанијата, почнува да одговара за исто време како GPT-5.6 на нивото Medium, а постигнува подобар резултат од GPT-5.6 на нивото Extra High. Сепак, станува збор за интерни тестови без објавени бројки за резултатите.

OpenAI наведува и подобра отпорност на обиди за заобиколување на безбедносните правила, особено кај напади низ повеќе пораки, како и зајакнати заштити од злоупотреба за сајбер напади, биолошки закани и насилство. Безбедноста инаку е чувствителна тема за компанијата, која кон крајот на септември ја паузираше работата на најнапредните модели.

Од вчера GPT-6 постепено го добиваат корисниците на Plus, Pro, Business и Enterprise, а од денес и корисниците на Free и Go. Платените пакети работат со GPT-6 Sol а бесплатните и Go со GPT-6 Luna, кои досега не беа достапни во Chat. Кај Enterprise, достапноста зависи од поставките на администраторите, а моделите во Work и Codex не се менуваат.

OpenAI вели дека воведувањето е глобално, па GPT-6 се очекува да стигне и до корисниците кај нас, кои почесто од другите Европејци го користат ChatGPT за муабет, а поретко за работа.

Тоа значи дека бесплатните корисници добиваат понов модел во време кога Google го ограничува бесплатниот Gemini.