На почетокот на септември OpenAI го претстави GPT-6 Astra, модел што компанијата го опиша како најинтелигентен досега. Сега, според официјалниот блог на OpenAI, до него доаѓаат GPT-6 Sol и GPT-6 Luna. Двата модела се наменети за секојдневна работа и за задачи за кои не е потребна целата моќ на Astra.
Моделите се тренирани со слични методи како Astra. Според OpenAI, тие го носат напредокот во професионалната работа, точноста, програмирањето и користењето компјутер во побрзи и поевтини верзии. Astra и понатаму останува најдобриот модел на компанијата и е наменет за најсложените задачи.
Најголемата промена е цената. За користење преку „API“, Sol чини 2 долари за милион влезни „tokens“ и 10 долари за милион излезни. Luna чини само 10 центи за влез и 50 центи за излез. Тоа е половина од промотивните цени на претходните GPT-5.6 модели, а OpenAI намалувањето го објаснува со подобрувања во „caching“ и во самото извршување на моделите.
Дополнително, подобрениот „prompt caching“ носи попуст од 90% при повторно читање на веќе зачуван контекст. Агентите постојано го праќаат истиот контекст, па за програмерите што ги градат тоа може да значи значително пониски сметки.
Сите споредби со конкуренцијата во објавата се со Claude моделите, па јасно е дека главната мета е Anthropic. Во тестот AutomationBench, кој мери извршување деловни задачи низ различни апликации, Sol постигнува 33,2%, повеќе од Claude Opus 5 при максимален напор, а по цена од само 9% од онаа на Opus 5 по задача.
Во тестот за програмирање DeepSWE, Sol при највисокото ниво на размислување заостанува само 1,1 пеоцентен поен зад најдобриот резултат на Claude Fable 5, но е околу 80% поевтин.
Сепак, ваквите споредби треба да се читаат со резерва. Нив ги објавува самата компанија, а резултатите за конкурентските модели се преземени од јавни извештаи. Колкава е вистинската разлика ќе покажат независните тестови.
OpenAI посебно истакнува дека Sol прави приближно двојно помалку фактографски грешки од својот претходник. Треба да се има предвид дека интерниот тест е направен врз разговори во кои корисниците веќе пријавиле грешка, па не го отсликува секојдневното користење, каде грешките се поретки.
Моделите го преземаат и стилот на комуникација на Astra, со појасни и пократки одговори и помалку жаргон, а според OpenAI промената најмногу ќе се забележи во техничките разговори и при програмирање.
GPT-6 Sol и Luna од денес се достапни во ChatGPT Work и Codex за корисниците на Plus, Pro, Business, Enterprise и Edu. Бесплатните и Go корисниците можат да ја користат Luna во апликацијата за компјутери.
Моделите засега не се достапни во Chat и не е познато кога ќе стигнат таму.







































